Колумбиските власти истражуваат дупки од куршуми откриени во авион на „Американ ерлајнс“ на лет помеѓу Меделин, Колумбија, и Мајами, објавија американските медиуми.
„Еј-Би-Си њуз“ објави дека нема повредени, а колумбиските власти рекоа дека прелиминарната истрага покажала дека авионот наводно бил нападнат во неделата при слетувањето во Меделин.
Компанијата „Американ ерлајнс“ објави дека за време на рутинска инспекција, извршена кога авионот се вратил во Мајами, експертските тимови „потврдиле дека има дупки во трупот на авионот“, пренесува Танјуг.
„Авионот веднаш беше повлечен од употреба за понатамошен преглед и поправка. Ќе соработуваме тесно со сите надлежни органи за да го истражиме овој инцидент“, соопшти „Американ ерлајнс“.
Надлежните служби објавија дека се фокусираат на криминалната група што стои зад овој инцидент.
„Американ ерлајнс“ соопшти дека дупките во трупот на авионот не предизвикале никакви проблеми за време на летот.
