ВЛЕН ги претстави новите имиња во Владата – Меџити: Ќе донесат нова енергија и професионален пристап во владеењето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Jетон Шасивари – министер за правда, Агон Ферати – министер за односи меѓу заедниците и Седат Сулејмани – министер за култура и туризам. Ова се трите имиња што ВЛЕН ги соопшти синоќа по седницата на партиското Претседателство, во рамки на процесот на реконструкција на Владата. Според нив, предложените личности треба да донесат нова енергија и професионален пристап во управувањето.

„Со овој тим, ВЛЕН ја потврдува инклузивноста и отвореноста кон најквалитетните кадри во нашето општество, за една нова динамика во реализацијата на програмските и изборните ветувања, сè во функција и во интерес на граѓаните и гласачите“, изјави Изет Меџити од ВЛЕН.

Предложените кандидати за министерски функции имаат различни академски, политички и професионални профили.

Јетон Шасивари, предложен за министер за правда, е редовен професор на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово и доктор по правни науки, специјализиран во областа на уставното и административното право. Тој има повеќе од две децении академско и научно-истражувачко искуство, автор е на бројни научни трудови и бил член на повеќе стручни тела, меѓу кои Советот за акредитација на високото образование и Академијата за судии и јавни обвинители.

Агон Ферати е предложен да раководи со Министерството за односи меѓу заедниците и е познат по своето искуство во управување со проекти, јавни политики и европска интеграција. Обучуван е во меѓународни институции како ОБСЕ и УНОПС, а политички бил активен како потпретседател на Движењето за реформи во ДПА / АА, при што раководел и со изборни штабови кои постигнале значајни резултати на изборите во 2017 година во Полошкиот Регион. По 2020 година тој се повлече од активната политика и се посвети на управување со европски проекти вредни повеќе милиони евра. Воедно е алумни на меѓународни програми како ACYPL и на обуки организирани од Институтот „Роберт Шуман“, Универзитетот во Лунд, ОБСЕ и УНОПС.

Седат Сулејмани ќе раководи со Министерството за култура и туризам и доаѓа од редовите на коалицијата ВЛЕН. Тој претходно ја извршуваше функцијата заменик-министер во истиот ресор и има искуство во јавната администрација и во областа на културата. Исто така, учествувал во институционални процеси за изработка и управување со културните политики во рамки на Министерството за култура и туризам.

Според новата распределба, коалицијата ВЛЕН, покрај овие министерства, ќе продолжи да раководи и со функцијата прв заменик-претседател на Владата, како и со министерствата за европски прашања, економија и труд, како и животна средина.