Пратениците на коалицијата ВЛЕН, заедно со другите пратеници на парламентарното мнозинство, побараа автентично толкување на законот за игри на среќа односно коцкањето. Поточно, станува збор за членот 7 од овој закон. За пратениците на коалицијата ВЛЕН дискутабилен е ставот 3 од членот 7, со кој, според нив, се предвидува државна лотарија да може да основа неограничени нови трговски друштва, а истата да приредува игри на среќа.
„Ставот 2 вели: Лотариските игри на среќа, освен затворените лотарии, РСМ ги приредува самостојно со основање трговски друштва за приредување на игри на среќа. Значи трговската компанија што ја основала државата е Македонска лотарија. Сега со член 3 е дозволено Македонска лотарија да основа неограничени нови трговски друштва, кои ќе можат да приредуваат и други игри на среќа“, додава Халил Снопче.
Вториот чекор, како што најави Снопче, е барање кривична одговорност за изминатиот владин состав за злоупотреба на службената должност и овластување на сите органи кои учествувале во носењето, како што вели, незаконски решенија за организирање на коцкање. Понатаму, пратениците на ВЛЕН предупредуваат дека ќе затворат 57% од казината, а истите ќе можат да работат само во хотели со пет ѕвезди.
„И третиот чекор е да се предложи нов закон преку кој за почеток ќе можеме да затвориме 57 отсто од постоечките. Не застануваме тука, но засега ова е она за што можеме да направиме компромис. Ние сме сега Влада, не се однесуваме само како ВАЛЕН“, порача Халил Снопче.
Што се однесува до игрите на среќа, реакција имаше и пратеникот Елми Азири од Алијансата за Албанците, дел од Европскиот фронт. Тој вели дека нивната партија во април 2022 година предложила предлог закон до Собранието за целосно затворање на казината, но посочува дека истиот никогаш не бил ставен на дневен ред на Комисијата за финансии, која тогаш беше предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Предложениот закон што го направивме значи целосно затворање на игрите на среќа, казината и слично, кои се расфрлани насекаде. Лотаријата е државна, постои во друга форма на организација. Зборуваме за оваа категорија која ја имаме пред секоја врата, пред куќи и пред секоја училишна врата. Нашето барање е овој закон да биде одобрен и со овој закон да стане невозможно постоењето на обложувалници со физичко присуство како и на онлајн обложувалници“, вели Елми Азири.
Инаку, во февруари годинава Собранието го изгласа законот за игри на среќа, предложен од претходната Влада. Но, бидејќи законот беше донесен со европско знаме, не беше потпишан од претседателот Стево Пендаровски. Во вториот обид истиот закон не помина бидејќи ДУИ и СДСМ ги заладија односите откако не учествуваа како коалиција на изборите. За предлогот на законот, кој не помина во Собранието, најголем притисок изврши ДУИ. Тие предвидуваа казината и обложувалниците да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училишните објекти.
