Има една иронија што не може да се сокрие, велат од Влен во денешното соопштение, во кое посочуваат дека во 24 години власт, Али Ахмети не успеал да обезбеди канализација ниту за своето родно место, Зајас.
„Имаше власт, министри, директори, општини и милиони евра на располагање. Канализација немаше.Денес, кога документите излегуваат на виделина, станува појасно и зошто. Секој нов факт што излегува во јавноста сè повеќе ја руши маската на ДУИ. На Албанците им продаваа „каузи“, а зад затворени врати се договарале шеми, се вклучувале домашни компании и се вртеа милиони евра од европските фондови. Жителите чекаа канализација, а некој друг си ги чекал исплатите“, се вели во соопштението на владејачката ВЛЕН.
Од оваа политичка опција прашуваат кој ќарил, кој ги внел компаниите во проектот, кој молчел и дали истрагата ќе стигне до секоја алка во овој синџир.
„Албанците заслужуваат да ја знаат вистината. Заслужуваат да знаат каде завршиле милионите, кој профитирал од проектот и зошто Зајас цели 24 години остана со септички јами наместо со канализациски систем. Зајас повеќе нема да биде заложник на ветувањата на ДУИ. Она што тие го оставија заглавено во кал 24 години, сега конечно се става на вистинскиот пат. ВЛЕН нема да дозволи ова прашање да се затрупа со прашина. Бараме истрагата да оди до крај. Да се отвори секој договор, секоја исплата, секоја компанија и секоја можна политичка, бизнис или семејна поврзаност“, порачуваат од ВЛЕН, додавајќи дека ДУИ зад себе оставиле долгови и сомнежи, а сега, според ВЛЕН, е време да понесе одговорност.
