„Од 5 станува 1“, вака соопшти ВЛЕН еден ден пред Конгресот на обединувањето, за кој велат дека „утре е голем ден“. ВЛЕН наведува дека оваа одлука не била лесна и дека барала трпение и волја за надминување на партиските интереси.
Како што истакнуваат од ВЛЕН, малкумина верувале дека коалицијата ќе стигне до оваа фаза, но додаваат дека во сабота „850 делегати ќе се упатат кон Конгресот на обединувањето за да го потврдат големото ветување – ВЛЕН да стане едно“.
„Кога се создаде ВЛЕН, не сите веруваа дека овој пат ќе стигне до оваа точка. Имаше такви што очекуваа поделби, замор и неуспех. Имаше и такви што отворено работеа овој обединувачки процес да не се случи. Но утре одговорот ќе биде даден пред очите на сите.
На 9 Мај, на Денот на Европа, на Конгресот на обединувањето, пет политички субјекти ќе донесат една од најважните одлуки во рамки на албанскиот политички блок во државата. Од партнери и политички сојузници, ВЛЕН станува едно единствено тело.
Ова не беше лесна одлука. Бараше трпение, доверба и волја интересот на Албанците да се стави над теснопартиските интереси.
Исто така, ова не е наметнато обединување. Тоа е резултат на уверувањето дека Албанците не добиваат кога политиката е поделена, туку кога енергијата и застапеноста се обединуваат и организираат.
Токму затоа овој процес има историска тежина. Ова е ветувањето што ВЛЕН им го даде на Албанците.
Ова е ВЛЕН – од идеја која многумина ја доведуваа во прашање, до обединување кое утре станува политичка реалност.
Затоа утре, 850 делегати ќе се упатат кон Конгресот на обединувањето за да го потврдат големото ветување – ВЛЕН да стане ЕДНО“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
