ВЛЕН утре станува една партија! Без Фатмир Лимани и Арбен Фетаи!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утре, на 9 мај, на Денот на Европа, ВЛЕН станува една партија. Пет партии се спојуваат во еден единствен политички субјект. Но две имиња нема да бидат дел од новата партија, иако сè уште ги извршуваат своите функции, барем до реконструкцијата на Владата – министерот Фатмир Лимани и вицепремиерот Арбен Фетаи. За еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, ова не претставува пречка, бидејќи станува збор за поединци.

– Кога зборуваме за субјекти, нема заминување туку има спојување во ВЛЕН и тоа нема врска со поединци, со самото тоа што ВЛЕН воспоставува нов демократски модел со ко-претседатели кој оваа земја досега не го познава, но го познаваат европските држави, значи ВЛЕН прави Конгрес на обединување на нови европски вредности, затоа и се одржува на 9 Мај, значи не е фокусирано на поединец, изјави претседателот на ДД/ВЛЕН, Изет Меџити.

Што ќе се случи со Лимани и Фетаи кои повеќе не се дел од ВЛЕН, најверојатно ќе се знае по најавената реконструкција на Владата.

– Сега сме фокусирани на ВЛЕН, штом ќе го завршиме овој процес со премиерот сме начелно договорени дека ќе има реконструкција на Владата, но само како принцип, не сме ги дискутирале ниту принципите ниту дали ќе останеме во овие ресори или ќе има промени. Кога ќе влеземе во таа фаза ќе дискутираме и ќе бидете информирани вие како медиуми и граѓаните, изјави претседателот на ДД/ВЛЕН, Изет Меџити.

Вратата на Владата не е затворена ниту за други политички субјекти. Често се споменуваше и влез на АА на Зијадин Села во извршната власт, но од таму велат дека не се заинтересирани да станат дел од владината структура при евентуална реконструкција.

Мај или јуни се споменуваат како можни датуми за реконструкција и од премиерот Христијан Мицкоски. Тој денеска изјави дека не му се потребни во извршната власт политичари од минатите власти, но останува на ставот дека предвремени парламентарни избори можат да се одржат напролет во 2027 година.