„Влезот на АА во Влада е завршена работа“ – Сефер Селими: Преговорите се одвиваат само за партиски интереси

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Преговарачките тимови предводени од лидерите на партиите, Арбен Таравари и Димитар Ковачевски ќе се сретнат следниве денови за да дадат конечен епилог на темата за влез на АА во влада. Според аналитичарот Сефер Селими, АА одамна има одлучено да и се придружи на владината коалиција, а ова пролонгирање го прави за да испита пулс во јавноста. Преговорите се одвиваат главно за партиски интереси, вели тој.

-Нормално дека страните прават калкулации и тоа се главно калкулации за партиски интереси, за тоа како ќе се одрази тоа на следните парламентарни избори, калкулации за кои ресори можат да имаат најголем импакт кај нивното гласачко тело и од друга страна владата нормално калкулира кои од актуелните ресори треба да ги изгубат партиите во влада на сметка на проширувањето на ова мнозинство. Иако јас мислам дека оваа работа е завршена пред еден месец а сега се конкретизира со конкретни преговори.“, вели Селими,

Апетитите на АА Селими ги оправдува со ризикот од влезот на оваа партија во влада во последната година од владеењето.

-Де факто АА е заинтересирана да добие што е можно повеќе од та власт и со право, бидејќи ризикот од влезот на АА во владата во последната година од владеењето која тие остро ја критикуваа изминатите три години и нормално е дека преговорите не дека се тешки туку ќе се оди со максимални барања за од една страна да го оправдаат влезот во влада а од друга страна да ја водат власта и да ја консолидира на некој начин власта внатре во партијата новиот претседател на АА, Арбен Таравари“, рече Селими.

Нема реална опасност од уривање на владата, смета Сефер но вели дека очигледно е дека актуелното мнозинство не е стабилно, а тоа е поради поделбата во ДУИ и другиот сојузник, Алтернатива, која според Сефер нема да има место во следната власт. Гласовите за уставните измени Сефер вели дека ќе се бараат во опозициските партии, кои според него, ќе се обезбедат, бидејќи како што вели, овие измени се помалку болни отколку промената на името.