ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Абази и Коларевиќ – СДСМ: Скандалозно е премиерот Мицкоски да му се јавува на обвинителот Савески

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од првиот човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција Ислам Абазовиќ и обвинителката Катерина Коларевиќ. Ова доаѓа откако деновиве од Обвинителството соопштија дека е запрена истрагата за случајот со мазутот за ТЕЦ Неготино вреден 167 милиони евра, која го водеше Коларевиќ. Пратеникот Антонио Милошоски обвинува дека Абази и Коларевиќ се тандем коишто соработуваат со Заев, Ахмети и Филипче и дека намерно ги изоставиле извештаите на Државниот завод за ревизија.

-За Абази и Коларевиќ сметаме дека не се достојни на функцијата да бидат во Јавното обвинителство за гонење на криминал и корупција, затоа што и двајцата имаат свои лични, семејни или политички долгови за нивниот кариерен напредок, а истите се поврзани со политичките партии ДУИ и СДС. Затоа уште еднаш повикуваме Советот на јавни обвинители да се позанимава со овој случај, да го истражи постапувањето на Абази и на Коларевиќ и да утврди кои намерни или ненамерни пропусти се направени, изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Христијан Мицкоски остро реагираше на одлуката на Обвинителството за затворање на предметот за мазутот, по што веднаш му се јави на јавниот обвинител Ненад Савески. За ова од СДСМ велат дека таквиот однос на премиерот е скандалозен и дека обвинителството и судството мора независно да ја вршат својата работа.

-Скандалозно е премиер на една држава, една ваква држава во којашто има јасно определена власт, да излегува на телевизии и да кажува како се слуша со јавниот обвинител и го прашува до каде е истрагата, па згора на тоа и јавниот обвинител го потврдува тоа и вели: ’Да, се слушнавме со премиерот, разговаравме. Не е прв пат премиерот да му кажува на обвинителот. Го слушнавме и од собраниската говорница како му кажуваше што да прави. Потоа премиерот имаше и некакви чувства за некакви пресуди, се закануваше кон опозицијата, изјави Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.

Во предметот со набавката на мазутот за ТЕЦ Неготино беа опфатени поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски кој моментално е во бегство, како и сопственикот на фирмата „РКМ“’ Ратко Капушевски и сопственикот на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски.