Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, е во фокусот на вниманието откако беше откриено дека биле дадени 270.000 евра европски пари на еден фризерски салон од програмата „Еразмус2“, иако таа го негира сето ова. ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од неа, а воедно прашува зошто Финансиската полиција и Јавното обвинителство воопшто не реагираат.
„Лидија Димова да си даде оставка веднаш! Ваков директор не смее да ја води оваа институција. Секој поминат ден како директор во институцијата е ден повеќе да прикрива докази и сокрива документација истото како што се случуваше од Катица Јанева во СЈО“, посочи Димче Арсовски.
Димова во четвртокот беше гостин во ТВ21 каде што дебатираше во „Клик Плус“ со Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ. Таа рече дека за скандалите со европски пари, виновни биле од опозицијата.
„Јас немав контрола во Агенцијата затоа што таму имаше вмровска матрица внатре која што одбива да работи, едноставно одбива да работи. Меѓу другото тоа се случува и сега затоа што 2/3 од луѓето се отсутни од Агенцијата“, посочи Лидија Димова.
Андоновски: ВМРО-ДПМНЕ е виновно што на благајна и недостасуваат повеќе од 20 илјади евра?
Димова: ВМРО-ДПМНЕ е виновна затоа што фалат 2,2 милиони евра.
Инаку, директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска се огласи на социјалните мрежи. Таму се правдаше дека нападите се оркестрирани и еднострани од медиумите, како што вели во моментите кога Агенцијата расчистува со криминалот. Таа додава дека Агенција не финансирала фризерница туку претпријатието „Вредност на европско знаење“.
Инаку, премиерот Зоран Заев ја повика директорката да одржи прес конференција на која ќе бидат објавени сите детали за доделување на средствата. Како што вели тој, Димова целосно и прецизно треба да ги адресира прашањата на кои реагира јавноста и за кои се јавува сомнежот.
