Граѓаните на Гостивар се очекува до крајот на оваа недела да добијат техничка вода, додека водата за пиење би требало да биде достапна кон крајот на следната седмица. Ова го најави директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, повикувајќи се на информациите од експертските тимови кои работат на терен.
Во гостување во Дневникот на ТВ Сител, Андоновска информираше дека ИЈЗ во изминатите денови двапати извршил земање примероци од водата во Гостивар – првпат минатиот четврток, а вторпат во понеделникот.
„При првото земање беа анализирани четири локации, а при второто девет, претежно на јавни површини. Резултатите се разликуваат од место до место. На одредени локации се утврдени микробиолошки отстапувања, како и недостатоци во параметрите за резидуален хлор. Позитивно е што физичко-хемиските анализи се во рамки на дозволеното, но во дел од примероците се откриени колиформни бактерии и мезофилни аеробни микроорганизми. Има и примероци без микробиолошки недостатоци, но со несоодветно ниво на резидуален хлор“, изјави Андоновска.
Таа нагласи дека, согласно прописите според кои работат ИЈЗ и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), ваквите резултати значат дека водата на тие мерни места не е безбедна за пиење.
Андоновска појасни дека Институтот нема законска обврска самостојно да врши мониторинг на квалитетот на водата.
„Ние располагаме со современи лаборатории, опрема и стручен кадар за испитување на вода, но анализи можеме да вршиме само по барање на надлежен инспектор или на јавното комунално претпријатие. Самоиницијативно не можеме да спроведуваме мониторинг“, рече таа.
Според неа, обврската за редовни анализи ја имаат јавните комунални претпријатија, кои самостојно одлучуваат која акредитирана институција ќе ја ангажираат за испитување на водата.
Осврнувајќи се конкретно на Гостивар, директорката на ИЈЗ посочи дека Институтот минатата година извршил една анализа, како и една годинава, на едно мерно место.
„Анализата од 2025 година покажала неисправни параметри. Кога ќе утврдиме неисправност, ги известуваме институцијата што го побарала испитувањето и АХВ. Тоа не значи дека ние забрануваме користење на водата, туку укажуваме дека примерокот е неисправен и дека треба дополнително да се утврди дали проблемот е локален или се однесува на целиот водоводен систем“, истакна Андоновска.
