ВМРО-ДПМНЕ чека стабилна Влада во Бугарија, СДСМ: Нема да бидеме параван за деструктивни политики

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ повторија дека ќе чекаат стабилна Влада во Бугарија со која би зборувале за деблокада на евроинтегративниот процес. Ставот останува непроменет и покрај пораката од бугарскиот претседател Румен Радев дека евентуалниот ваков дијалог треба да се води со Брисел, а Софија очекува да се почитува она што е веќе договорено.

„Чекаме со нетрпение да се избере политичка Влада, којашто ќе има политички легитимитет“, изјави Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Радев претходно кажа дека критериумите за Македонија за отворање на преговарачките кластери се познати и воедно ја отфрли идејата на унгарскиот премиер Виктор Орбан за посредништво меѓу Скопје и Софија.

„Сите овие работи му ги објаснив многу добро на премиерот Виктор Орбан и тука немаме потреба од никакво посредништво, нештата се јасни“, изјави Румен Радев претседател на Бугарија.

Во меѓувреме, власта подготвува писмо со предлог-решенија за деблокада, кое ќе го испрати до Брисел. Деталите од писмото би биле познати откако премиерот Христијан Мицкоски ќе се врати од работната посета на Берлин.

Опозицијата пак, најавува дека ќе биде конструктивна за, како што велат, реални решенија за евроинтегративниот пат. Од СДСМ истакнаа дека досега власта ги нема контактирано.

„Ако очекуваат дека СДСМ наивно ќе даде поддршка на идеи коишто би значеле понатамошни блокади, решенија во коишто никој не верува освен тие самите, секако дека ние нема да бидеме параван за нивните такви деструктивни политики“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.

Новиот евроамбасадор во земјава Михалис Рокас истакна дека во ЕУ тешко би бил прифатен предлогот за уставни измени со одложена примена, како што бара земјава, бидејќи ваквата одлука би можела да се донесе само со согласност на сите земји членки.