ВМРО-ДПМНЕ ги промовираше кандидатите за пратеници – СДСМ: Над 80% се истите пратеници кои го блокираа патот кон ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твојата Македонија“ ги промовираа кандидатите за пратеници на парламентарните избори. Во салата на Филхармонијата во Скопје со аплаузи и овации беа претставени носителите на листи и кандидатите во 6 избирачки единици.

Почнаа со ИЕ6, каде носител е актуелната пратеничка Дафина Стојаноска. Рече дека ДПМНЕ ги видела сите грешки во минатото од кои извлекла поуки, па затоа ги повикала сите на масовен излез, бидејќи како што рече, промените се во рацете на граѓанинот.

Носителот на листата на ИЕ 5, Ѓорѓија Сајковски, побара да не се дозволи апатијата или цинизмот да ја диктира иднината, туку Македонија да се издигне гордо и достоинствено.

Александар Николовски, носител на листа на ИЕ4, рече дека овие се избори за кои треба рекордна излезеност.

За носителот на листа на ИЕ3, веќе е време да се слушне македонскиот глас за да се носат промени уште погласно.

Владо Мисајловски кој е носител на листа на ИЕ2, вети дека ДПМНЕ ќе напише историја на задоволни граѓани.

На крајот се обрати и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ќе биде носител на ИЕ1, каде силите ќе ги одмери со лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Мицкоски рече дека дојде време кога сите заедно мора да ги сменат работите.

СДСМ излезе со критики за листите со кои ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи на избори. Портпаролот Дарко Каевски, ги нарече листа на блокади бидејќи над 80% се истите пратеници кои го блокираа европскиот пат на земјата.

Инаку ДПМНЕ потпиша коалиција со 24 помали партии, со кои ја склучија таканаречената коалиција „Твојата Македонија“.