ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за измените на Изборниот законик и гласањето на дијаспората: Едните обвинуваат за страв, другите за можна кражба на изборите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предложените измени на Изборниот законик, меѓу кои и оние за гласањето на дијаспората и понатаму се главна тема за препукување меѓу владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ.

Во вчерашното и денешното соопштение, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја обвинува СДСМ за блокадата на измените, тврдејќи дека опозициската партија се плаши од гласовите на дијаспората, бидејќи знаат дека нема да ги гласаат.

„Стравот на Венко Заев и СДС е едноставен, тие знаат дека дијаспората нема да гласа за нив затоа што тие луѓе си заминаа од државата токму поради нивното катастрофалното раководење. Венко Заев и СДС денес панично го блокираат Изборниот законик со илјадници амандмани од една единствена причина, бидејќи стравуваат дека македонската дијаспора нема да им ја даде довербата“, се вели во соопштението на владејачката партија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, токму нивното, како што велат – катастрофално владеење, неспособноста, криминалот, корупцијата и понижувањата што и ги нанесоа на државата, натерале илјадници граѓани да ја напуштат Македонија. „Луѓето заминаа затоа што ја изгубија надежта дека СДС може да обезбеди достоинствен живот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додаваајќи дека доказ за стравот од избори, според нив е и последната анкета каде ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од трипати поголема поддршка од СДСМ, додека довербата во опозицијата паѓа под 100 илјади гласови.

Од друга страна, од СДСМ велат дека од ВМРО- ДПМНЕ многу нервозно реагираат кога се зборува за нов Изборен законик.

„СДСМ сака нов Изборен законик, но не сака закон за кражба на изборите по мерка на Мицкоски. Сакаме дијаспората да гласа, како што гласаше и досега – само не сакаме Мицкоски да гласа од Белата палата наместо дијаспората“, се вели во соопштението на опозициската партија.

Од СДСМ реагираа и на прашањето на ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното соопштение – зошто СДСМ се кара со своите членови, со своите функционери, со аналитичарите, професорите. „Не се караме со нашите членови, функционери, аналитичари и професори. Оние кои вие ги претставувате како „наши“ се ваши сателити и дел од вашиот проект ЗНАМ 2.0. Тоа е ваша конструкција, а не наша“, велат од СДСМ.

Како што соопштија од опозициската партија, СДСМ разговара со факти, докази и бројки, а дека голата реторика, популизмот и нарачаните анкети се територија на владејачката партија. „Сега велите дека СДСМ е трета или четврта партија во државата, а во анкетата која ја објавивте денеска, СДСМ е втора партија. Во истата анкета покажавте дека ВМРО-ОКГ има пад од 3,5% за само два месеци. Од изборите, според вашите нарачани анкети, вашиот пад е веќе 8%, додека СДСМ расте“, соопштија од СДСМ.