ВМРО-ДПМНЕ: Изборите не се услов за техничка Влада – владејачките партии согласни, но бараат претходно да има консензус

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

По скратена постапка да се донесат измените на Законот за Влада кои се однесуваат на укинување на таканаречената Пржинска, односно техничката Влада пред избори. Ова на денешната координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери било образложено од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои денеска го поднесоа предлогот до парламентот. Тие побараа за укинувањето на техничката влада да се расправа на седницата в среда. Иако инсистираат да се одржат предвремени парламентарни избори, сепак велат тоа не е услов да се донесат измените на законот.

„Со овој предлог на закон ние предвидуваме и бараме бришење на одредбите од законот за начин на избор на Влада кои предвидуваат 100 дена пред одржувањето на парламентарни избори да се избере нова преодна Влада. Во овој момент кога се актуелни неколку кризи и кога владее општ хаос во државата Македонија не смее и не може повеќе да губи ниту ден, а не пак 100 дена техничка влада. Не е условено, бараме од Законот за влада овие одредби да бидат избришани поради нефункционалноста на самите овие одредби“, истакна Никола Мицевски.

Од владејачките партии генерално го поддржуваат предлогот за укинување техничка влада, но бараат тоа претходно да се усогласи и да се предложи со консензус на сите партии.

„Добро е што ВМРО-ДПМНЕ после толкав период признава дека нашата држава има институции кои што можат да спроведат фер и демократски избори. Според договорот пржински, значи дека измените на Законот за Влада треба да биде консензус помеѓу 4-те најголеми политички партии во Собранието а не на ваков начин со еднострана изразена волја на една партија. И второ тајмингот на поднесување на овој закон кога сите знаеме дека предвремени парламентарни избори нема да има“, додаде Јован Митревски.

„Треба со консензус да се предлага ваков предлог закон и секако имаме време пред нас да се анализираат најдобрите решенија околу ова прашање, евентуално и други прашања кои би требало да се дорегулираат во законот за Владата“, вели Арбр Адеми.

Со став излегоа и од движењето БЕСА, велат дека се за укинување техничка влада, но бараат и да се прифати одржување превремени избори.

„Иницијативата за измена на законот за влада, односно укинување на техничка влада како чекор  кон одржување парламентарни избори е вистинска и ќе ја има  поддршката од пратениците на Движење  Беса. Ние го потврдуваме нашиот став дека земјата има потреба од стабилни институции, политичка стабилност и конкретни чекори за економско закрепнување. За да се постигне ова, повеќе од потребно е земјата да оди н а предвремени избори, затоа укинувањето на процедурите за техничка влада е чекор за забрзано излегување на земјава од криза“, порачуваат од Беса.

Вчера побаравме став и од Алтернатива и од Алијанса за Албанците кои исто така сметаат дека треба да се укине техничката влада, бидејќи како што истакнаа од Алтернатива таа се покажала како неуспешен модел. Спроведувањето на изборите со Пржинска односно техничка влада беше договорен меѓу партиите во 2016 година. Таа предвидува на 100 дена пред изборите да се назначи технички премиер од владејачката партија, а опозицијата да ги преземе министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала како и три дополнителни заменици министри.