И официјално ВМРО-ДПМНЕ ја започна постапката за иницијативата за собирање потписи за распишување референдум откако напладне ја достави до Државната изборна комисија, претседателот на партијата Христијан Мицкоски ја поднесе иницијативата за да се организира собирање на 100 потписи со кои што ќе биде доставена до Собранието, на која рече дека самиот тој прв ќе се потпише. Стравува ли Мицкоски дека референдумот нема да помине во парламентот, откако веќе најголем дел од пратеничките групи се изјаснија дека не го поддржуваат. Тој самиот на два пати изрази сомнеж дали ќе се случи референдумот.
„Ја поднесовме граѓанската иницијатива со референдумското прашање – Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Нормално доколку референдумот се случи, тогаш граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат со За, подразбира дека на тој начин престанува да важи овој Договор со Република Бугарија или против, односно останува да важи овој Договор со Република Бугарија. Се надевам дека во најскоро време ќе бидат собрани тие 150 илјади потписи доколку дојдеме до таа фаза се разбира“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Претседателот на државата Стево Пендаровски и денеска предупреди дека евентуалното поништување на Договорот со Бугарија, само ќе ги запре европските интеграции на земјава.
„Ако вие го оспорувате или се обидувате да го оспорите преку референдум тој Договор билатерален со Бугарија нема европска интеграција, нема ни преговори. Исто како некој да ви каже дека можете да референдум да го оспорите или поништите Договорот со Грција Преспа и да останете членка на НАТО. Не е можно. Значи да немаме илузии, билатералните договори со соседите или добрососедските односи како ги именуваат во Европската унија се еден од клучните предуслови, секогаш и биле, за интеграција на било која држава, не само од овој регион, туку од целиот посткомунистички свет“, рече шефот на државата, Стево Пендаровски.
Евроамбасадорот Дејвид Гир не одговори директно на прашањето како гледа на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за организирање референдум, туку со дипломатски речник истакна дека сите општествени чинители во земјава вклучително и опозицијата треба да бидат насочени кон процесот на европската интеграција.
„Сега, овој моментум е почеток. Треба да се ангажираме на тоа. Тоа бара целосна посветеност на Владата, администрацијата, опозицијата, целосната политичка посветеност, тоа бара цивилното општество и бизнисот, сите да се фокусираат на оваа цел. Бидејќи ова е заедничка цел за да ја видиме оваа земја да се приклучи кон Европската унија што е можно побрзо. Затоа треба да се концентрираме на овие предизвици во интерес на граѓаните, бидејќи навистина се работи за вашата и иднината на вашите деца“, вели евроамбасадорот, Дејвид Гир.
Вчера и премиерот Димитар Ковачевски, како и парламентарните партии, рекоа дека не ја поддржуваат иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за организирање референдум за укинување на Договорот со Бугарија, бидејќи, како што истакнаа тоа е против европскиот пат на земјава.