ВМРО-ДПМНЕ до Собранието ја поднесе Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во евроинтеграциите и блокадите што се наметнуваат. На самиот допис стои дека документот го доставуваат до претседателот на Собранието на Република С. Македонија, со што се наведува и кратенката на уставното име на државата. Ова најверојатно има за цел да се избегне можноста парламентарниот спикер Талат Џафери повторно да им го врати како невалиден документ. Заедно со резолуцијата доставени се и потписи на пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Антонио Милошоски од оваа партија ги повика да се потпишат и другите пратеници за предложениот документ да ги зајакне македонските позиции во преговорите и да биде фактор на сплотување.
„Јас ги повикувам пратениците на СДСМ, на ЛДП, на Левица, Алијанса, на ДОМ, на Демократски сојуз и сите други пратеници уште од денес можат слободно да го стават својот потпис и да се придружат на оваа Предлог Резолуција за утврдување на македонските државни позиции за евроинтеграции за да не дозволиме блокадите, националните понижувања да ни станат предмет на преговори и би рекол виткање на кичма во некој следен период.“, рече Милошоски.
Од СДСМ велат дека остануваат на ставот за нејзина поддршка на Резолуцијата онака како што е доставена од ВМРО-ДПМНЕ. Неизвесно остана како ќе постапат пратениците на ДУИ. Иако за денеска од Алијанса Алтернатива беше најавено дека ќе се произнесат за нивниот став за Резолуцијата, сепак тоа не го сторија. Милошоски и покрај забелешките од партиите на Албанците повика на широк политички консензус.
„Нас целта ни е да има што поголемо и широко мнозинство. Во државата секогаш граѓаните биле солидарни едни кон други без разлика дали станува збор за една политичка или друга политичка припадност или етничка заедница и затоа цениме дека оваа Резолуција заслужува широка поддршка.“, вели Милошоски.
Милошоски побара од Џафери што е можно побрзо да ја стави Резолуција на дневен ред на пленарна седница на Собранието. Поставивме прашање до Кабинетот на Џафери за тоа кога планира да ја свика оваа седница но оттаму не добивме одговор.
