Македонскиот јазик и неговата разновидност имаат свој континуитет во времето и просторот. Македонскиот идентитет својата легитимност ја црпи од вековните традиции. Заедничката меморија на балканските и медитеранските простори подразбира инклузивен пристап, а не ексклузивна асимилација на историјата и традицијата. Ова се дел од точките на Резолуцијата што опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достави до Собранието, како форма на оцртување црвени линии во преговорите со Бугарија.
Реагираа од владејачката партија. Тие велат дека очигледно Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни дека македонскиот идентитет и јазик се прифатени и потврдени.
„Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од било каква расправа за тие прашања особено не во македонското собрание. Цела Европа, целиот свет знае кои се нашите идентитески позиции но очигледно само Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа“, велат од СДСМ.
Демократската унија за интеграција ја повикува ВМРО-ДПМНЕ да помогне во напорите за решавање на спорот, преку свој придонес за конструктивно и функционално Собрание.
„ДУИ и парламентарното мнозинство работат интензивно на надминување на спорот во духот на добрососедскиот договор без ставање на спорот во функција на дневна политика. Ја повикуваме опозицијата да се приклучи кон напорите да се интегрира нашата држава во Европската Унија на конструктивен начин преку свој придонес за функционално Собрание и поддршка на реформски закони“, посочи Арбр Адеми.
Коалицијата Алијанса-Алтернатива во моментов нема одлука дали да ќе ја поддржат Резолуцијата.
„Немаме конечна одлука дали ќе ја поддржиме таа Резолуција. Деновиве ќе има состанок на Централното претседателство на Алијансата за Албанците, заедно со Алтернативата. Ние сигурно ќе донесеме конечна одлука и нашите пратеници сигурно утре или задутре ќе ја покажат својата дефинитивна позиција на која било од прес-конференциите што ќе се одржат во Собранието“, посочи Арбен Таравари.
Од Либерално-демократската партија, претседателот Горан Милевски ни рече дека прво ќе ја разгледаат Резолуцијата и потоа ќе излезат со став. Според нив, во принцип, обединувањето на Собранието за важни политички прашања е добро за државата и таквите или какви било други резолуции прво треба да се усогласат, а потоа да се усвојат без политички етикети и признанија.
Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ следува по последователните обвинувања дека владата на Заев ги продава македонските национални интереси во преговорите со официјална Софија. Премиерот јавно изјави дека разговори за идентитетот и јазикот не се водат. Во интервју за ТВ21 во рамки на Преспа форумот, Заев без да прецизира, изјави дека постојат решенија прифатливи за двете страни.
