ВМРО-ДПМНЕ ќе собира потписи против пописот – Собранието ја заврши расправата, но гласањето на законот е одложено

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за собирање потписи за поништување на законот за попис. Истакнуваат дека веќе ги подготвуваат документите, а ако власта на сила го изгласа законот тие ќе бидат поднесат до Министерството за правда, велат од партијата. Остануваат на барањето овој закон да се повлече,  кој како што тврдат е дел од политичките пазарења меѓу СДСМ и ДУИ и да се донесе нов. Истовремено Христијан Мицкоски на својата фејсбук страна има објавено и петиција во која ги повикува граѓаните да ја потпишат за да се донесе нов закон за попис.

„Таа акција ќе биде спроведена онака како што треба преку подрачните единици на Министерството за правда луѓето ќе можат да се потпишат во подрачните единици низ градовите, а бројот на потпишани нема да биде нешто за занемарување од страна на владејачкото мнозинство и целта е тоа да се повлече овој закон и да се донесе закон кој што ќе значи општествен консензус за статистичка операција попис поддржана од сите“, изјави Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ им вратија, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нема да го спречат одржувањето попис. Како и секогаш кога се носат битни законски решенија за државата и граѓаните ВМРО-ДПМНЕ се однесува деструктивно и неодговорно , велат од СДСМ.

„Доста со неразумни блокади, кочења и политизација. Успешниот попис Мицкоски може да го смета за уште еден негов пораз, но пописот не се избори, таму нема губитници и победници. Со успешен попис добиваат граѓаните, добива државата“, изјави Стефан Васев од СДСМ.

Порака за спроведувањето на пописот вчера упати и претседателот на државата Стево Пендаровски. Тој во интервју за МИА вели дека за жал пописот кај нас најчесто се политизира, бидејќи правата на човекот во меѓународна терминологија ги гледаме пред се низ национална призма. Вчера доцна попладнето парламентот по три дена ја заврши расправата за предлог законот за попис, но претседателот на Собранието Талат Џафери го одложи гласањето.