ВМРО-ДПМНЕ: Кратење кај земјоделците и сточарите – Николовски тврди дека само поддршката на земјоделците е над 205 милиони денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека со новата програма за директни плаќања во земјоделството, власта крати повеќе од 40 милиони евра, а со тоа земјоделците, во ек на криза ќе бидат оставени да се снаоѓаат. Цветан Трипуновски од оваа партија вели дека власта со новата програма за директни плаќања во земјоделството предвидува само 58 милиони евра, наместо ветените 100 милиони евра директни субвенции. Тој посочува и на кратење на субвенциите и во сточарството.

„Во делот односно во подмерката 2 директни плаќања во сточарско производство, замислете Владата предвидува мизерни нешто повеќе од 3 милиони евра субвенции за оваа категорија на земјоделци. Во новата програма министерството предвидува намалување за 300 денари за сите одгледувачи на овци затоа што минатата програма беше 1300 денари по грло, а сега е 1000 денари. Во новата програма исто така се врши кратење од 300 денари за задржано женско јагне каде што сега субвенцијата изнесува 700 денари, а минатата година беше 1000 денари“, посочи Цветан Трипуновски.

Наспроти ваквите тврдења, министерот за земјоделство Љупчо Николовски во интервјуто за МИА, ги отфрла ваквите податоци како невистини и тврди дека Трипуновски прави евтини обиди за собирање политички поени. Годинава очекувам вкупната поддршка која ќе оди во земјоделскиот сектор да надмине 205 милиони евра, вели министерот Николовски.

„Додека се шират лаги и лажни вести, додека Цветан Трипуновски се наоѓа во некое заостанато време, ние зборуваме за прилагодување со заедничката европска политика. Тоа дојде на дневен ред откако расчистивме со долговите. Имаме нови мерки и политики, нови капитални проекти кои никогаш досега не биле спроведени и нови закони согласно европските“, додаде Љупчо Николовски.

 Минатата година програмите на Министерството заедно со капиталните инвестиции и ИПАРД програмата надминаа 200 милиони евра.