ВМРО-ДПМНЕ нема да го признае пописот?! „Да има отисок од прст“ – за Шеќеринска ова е опструкција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Власта се обидува да направи фалсификат на пописот. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски вели дека  наместо статистичка операција СДСМ прави политички договор.

„Зоран Заев да се откаже од спроведување на талибанскиот попис, затоа што не само што ВМРО-ДПМНЕ нема да го признае, туку и државата нема да има релевантни статистички податоци. Оттука ја повикуваме власта да ги прифати предлозите кои ги даде ВМРО-ДПМНЕ. Да се набават 10.000 терминали за отчитување на отпечатоци од прст и да се попише резидентното население. Тие терминали ќе бидат со можност за отисок од прст и само така ќе се изврши реален попис, кој ќе ни даде реални статистички информации“, изјави Бојан Стојаноски – пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна министерката за Одбрана Радмила Шеќеринска вели дека овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ е само уште еден обид да се одложи пописот.

„Кога една партија неколку месеци пред пописот што сите го чекаме речиси 20 години, ќе ви даде предлог да се купат илјадници апарати за чија набавка не само што требаат пари, туку треба и долг временски период, тоа практично покажува дека повторно не сака да има попис. Тоа е истата партија која еднаш тргна во попис, самата ги уриваше правилата на попис. Потроши 4 или 7 милиони евра и потоа рече „пу пу не важи“, изјави Радмила Шеќеринска – министерка за одбрана.

Инаку портпаролот на Владата Муамет Хоџа на прес конференција во Владата истакна дека спроведувањето на пописот е во интерес на сите граѓани и повеќе не смее да се одложува. Тој додаде дека пописот е статистичка операција и во него нема политика. Од владата информираат дека Државниот завод за статистика непречено ги извршува сите подготовки за одржување на пописот во април 2021 година а пак целиот попис ќе биде под мониторинг на Евростат.