ВМРО-ДПМНЕ: Нема нови отстапки без конкретна испорака од бугарска страна, СДСМ: „Буџетот е во одлична кондиција“ а нема пари за референдум

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во јавноста денеска нова размена соопштенија меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во кои двете партии ги изнесуваат своите ставови за актуелните политички и економски прашања во државата, со фокус на уставните измени и барањата за референдум, европските интеграции и реформите, како и економската состојба.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека Македонија, како што наведуваат, повеќе нема да прифаќа нови отстапки без јасни и обврзувачки гаранции од Европската Унија и без конкретна испорака од бугарска страна.

Во соопштението се посочува дека земјата веќе еднаш ја платила цената на претходните политички одлуки, при што беше сменето уставното име со цел напредок кон ЕУ, но наместо тоа следеле нови блокади и условувања.

„Нема уставни измени без јасни гаранции од Европската Унија. Нема нови отстапки без конкретна испорака од бугарска страна. Нема повеќе политика на наведната глава и бескрајни отстапки кои не носат никакви резултати.“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека Македонија останува посветена на европската иднина, но како, како што велат, достоинствена држава која ги штити своите интереси.

Од СДСМ, пак, реагираат на економските состојби и работењето на Владата, посочувајќи дека реалноста, како што велат, е поинаква од официјалните изјави за стабилна економија. Според нив, граѓаните се соочуваат со повисоки цени и намалена куповна моќ, додека реформските процеси заостануваат.

СДСМ повикува и на распишување референдум на кој, како што велат, граѓаните би одлучиле за идниот правец на државата, нагласувајќи дека се потребни итни реформи и напредок кон Европската Унија. „Сега истата оваа влада вели дека нема пари за плати а нема пари ниту за референдум на кој граѓаните ќе треба сами да одлучат за својата иднина“, велат од СДСМ.

Опиозициската партија наведува и дека роковите од Реформската агенда не се исполнети, како и дека државата, според СДСМ, стагнира во европскиот процес. Тие бараат поголема транспарентност во трошењето на јавните средства и поголема отчетност од институциите.

Двете партии остануваат на спротивставени позиции околу прашањата за уставните измени, евроинтеграциите, економските политики и начинот на кој државата треба да го продолжи својот развоен и политички пат.