ВМРО-ДПМНЕ: Опозицијата во координирана блокада на Изборниот законик, СДСМ: Власта сака закон без контрола на гласовите на дијаспората

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ ги обвини опозициските СДСМ и Левица за блокирање на Изборниот законик и кочење на реформските процеси. „СДС и Левица учествуваа во креирањето на текстот, но денес поднесуваат десетици илјади амандмани со единствена цел да го блокираат донесувањето на Изборниот законик и да ги закочат реформските процеси“, се истакнува во нивното соопштение.

Од владејачката партија посочуваат дека Изборниот законик е усогласен со препораките на ОБСЕ и ОДИХР и е дел од реформските обврски, но дека наместо конструктивност, СДСМ и Левица избрале политички театар, свесни дека секое одложување значи штета за државата и за европскиот реформски процес.

„Ако навистина СДС и Левица имаат суштински забелешки, нека ги предложат. Никој не бега од аргументирана дебата. Но десетици илјади амандмани не се обид за подобрување на закон, туку класична парламентарна опструкција. Позиција на ВМРО-ДПМНЕ е јасна. Подготвени сме да разговараме за сите предлози кои придонесуваат за подобар изборен процес. Истовремено, остануваме цврсти на определбата македонската дијаспора да добие можност да гласа по електронски пат на претседателските избори, затоа што секој македонски граѓанин, без разлика каде живее, заслужува полесно да го оствари своето демократско право“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Со реакција се јавија од СДСМ.

Од таму велат дека власта сака да воведе систем за, како што кажуваат, масовна кражба на гласови, и дела по „насилното укинување на техничката Влада“, премиерот сака со сила да воведе автократски модели и изборен закон со кој никој нема да контролира околу 200.000 гласови.

„Сака гласовите на дијаспората што ќе пристигнуваат преку интернет да немаат никаква контрола. Додека нашите граѓани кои гласаат во татковината минуваат сериозна контрола пред гласање – дури и отпечаток од прст, проверка на документи, потпис во избирачки список, Мицкоски сака да има апсолутна можност за кражба преку гласање на далечина. Зборуваме за ВМРО, партијата која знаеме како ги местеше изборите во времето на Груевски. Сега неговиот најдобар ученик сака да го унапреди системот на својот ментор“, велат од СДСМ.