ВМРО-ДПМНЕ предлага пратеникот да има едно државјанство – СДСМ се согласува, ДУИ не, албанската опозиција ќе блокира

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи закон – на пратениците да им се забрани да имаат друго државјанство, освен македонско.

Овој предлог ќе ја добие и поддршката од СДСМ.

Но, по сите изгледи албанските партии нема да го поддржат законот. Артан Груби од ДУИ е против ограничувањето на државјанството на законодавците и политичките претставници во извршната власт.

„Темата за двојно државјанство е потрошена и тоа го дозволува нашиот закон. Мислам дека не може да вршиме дискриминација врз ниту еден граѓанин, било министер, пратеник и кој било граѓанин на нашата земја“, истакна Артан Груби.

Албанската опозиција, коалицијата АА-ААА најавува блокада и на овој закон, како што направија со многу други, во знак на револт за нерешавањето на нивниот предлог закон за државјанство.

Предлогот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ следи откако вчера бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов на Фејсбук објави листа со имиња со бугарски пасоши, кои, според него, се совпаѓаат со дел од членовите на партијата, што ВМРО-ДПМНЕ децидно го демантира. И Каракачанов потоа објасни дека не станувало збор само за членовите на ДПМНЕ. Со законот кој ќе биде предложен, пратеникот Мицевски рече дека ќе прекинат димните завеси што ги предизвика најдобриот пријател на Зоран Заев, Каракачанов кој шири лажни вести.