ВМРО-ДПМНЕ: Се прават прослави во време на криза – прославата на Рамковниот договор треба да прерасне во фестивал смета Груби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утрешната прослава од  одбележувањето на 21 година од потпишувањето на Рамковниот договор предизвика реакции кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од оваа партија критикуваат  дека власта на СДСМ и ДУИ за еднодневно празнување ќе потроши над 70 илјади евра и тоа во време на сериозна економска криза, кога голем број граѓани остануваат без работа.

„Во ек на ваква криза економска и енергетска по не знам кој пат оваа власт троши така енормни суми за прослава на овој датум, кој што секако и ние го одбележуваме, но сметам дека е навистина предрско оволкава сума да биде потрошена на ваков момент“, посочи Дафина Стојановска. 

Но и покрај ваквите критики вицепремиерот Артан Груби најавува прославата да премине во фестивал нешто по примерот на Егзит или Сани хил. Тој ова го изјави на денешниот настан на доделување дипломати на Школата за млади лидери.

„Јас сум убеден дека утре во Скопје ќе имаме илјадници граѓани кои што заеднички ќе почнат една нова традиција. Стремиме од следната година да биде нешто слично на Сани Хил фестивалот кој што се одржа пред недела дена во Приштина и кој што го реализира Дуа Липа и пак нешто слично на Егзит фестивалот во Србија или пак други фестивали, што значи дво или тридневен фестивал кој што би се одржувал во Скопје“, порача Артан Груби.

Од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците кое го предводи вицепремиерот Артан Груби велат дека и покрај тоа што се наоѓаме во економска криза, овој договор е темел на државата и треба да се слави во иднина. Прославата ќе се одржи утре на плоштадот Скендербег во Скопје на која се организира концерт по повод 21 годишнината од Рамковниот договор.