19 екипи на ВМРО-ДПМНЕ се распоредени во 120 различни населени места за да ги слушаат проблемите на граѓаните. Иако ова беше целта на средбите на терен, говорниците на ВМРО-ДПМНЕ не оставија место каде не зборувале против коридорите 8 и 10Д. Потпретседателката на оваа партија Гордана Димитриеска – Кочкоска рече дека со ставањето на европското знаменце на договорот со „Бехтел и Енка“ веќе е јасно дека овој договор е штетен и дека во него има криминал и корупција.
Од друга страна СДСМ вели дека ВМРО-ДПМНЕ и про-руската партија „Левица“ веќе со месеци водат пропаганда против американската компанија Бехтел. Од оваа партија велат дека без разлика на се, коридорот 8 и 10Д ќе се изградат.
Од ДУИ сметаат дека доставувањето на предлог законот со европско знаменце претставува одговорна одлука во интерес на граѓаните и ефективни процедури.
„Неразумната и неразбирливата блокада на ВМРО и Левица ја чини непотребно државата и граѓаните над 150 милиони евра поскапа изградба и над две години по долга изградба. ВМРО ДПМНЕ и Левица блокираат активно во Собранието над 500 милиони евра проекти за граѓаните и државата, без никаква причина и само за да предизвикаат неуспех на проектите за граѓаните од ниски дневно политички мотиви“, велат од ДУИ.
Деновиве се очекува Владата да ги испрати за усвојување до Собранието сите 5 закони со европско знаменце, поточно во скратена постапка, меѓу кои е законот за работни односи, два закони од транспортниот ресор, за градежништво и урбанистичко планирање и законот за експропријација.
