За ВМРО-ДПМНЕ не се доволни оставките на двајцата директори на клиниките во рамки на кампусот „Мајка Тереза“. Бараат Фондот за здравствено осигурување итно да ги објави извештаите за работата на болниците, бидејќи во спротивно, како што велат, сѐ ќе личи на циркус.
„Она што е клучно во една ваква ситуација кога се доаѓа до информации за нерегуларно, незаконско работење надлежната институција во случајов ФЗО треба да ги објави извештаите за работа. Ова е клучно за да се види која институција и во кои делови е склона на криминално работење“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Прашавме во ФЗО – дали ги има завршено контролите? Добивме одговор дека извештајот ќе го достават откако целосно ќе завршат процедурите.
„ФЗО врши вонредни контроли кои се однесуваат на платите и надоместоците на менаџерите на ЈЗУ и досега се направени 42 контроли, кои се испратени во Јавните здравствени установи каде што се извршени контролите. Со оглед на тоа што тие имаат право на приговор, до завршување на целата постапка, како и одлуките по постапката, ќе можеме да ви ги доставиме конечните извештаи. Контролите продолжуваат во континуитет во сите ЈЗУ, во цела држава. Сите извештаи се праќаат во Министерството за здравство“, велат од ФЗО.
Министерот за здравство, Беким Сали рече дека ниту една јавна здравствена установа нема да биде исклучена од контрола.
Контролата во клиниките од Фондот за здравствено осигурување уследи по неправилностите кои беа регистрирани на Детската клиника и Одделот за онкологија.
