ВМРО-ДПМНЕ со документ за дезертирање на Ковачевски – Никогаш не сум избегнувал служење воен рок, одговори Ковачевски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција излезе со документ за кој тврди дека премиерот Ковачевски наводно во 2001 година го избегнал служењето воен рок откако успеал да добие лекарско мислење за трајна неспособност. Или Ковачевски лажел за да избегне војска или имаме неспособен човек за премиер рече Ковачки и притоа побара оставка од премиерот.

„Ова е документот, извадок од Евиденциона книга на АРМ објавен на социјалните мрежи. Од овој документ јасно се гледа дека Ковачевски од страна на лекари е прогласен за трајно неспособен. Ова води до два заклучока, или Ковачевски го злоупотребил влијанието на татко му кој тогаш бил градоначалник на Куманово и партиски функционер на СДС и добил лажно лекарско мислење или тој навистина е трајно неспособен. Доколку Ковачевски не лажел и не се служел со измама тогаш ние за премиер на државата имаме трајно неспособен човек“, рече Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Преку писмено соопштение се огласи премиерот Ковачевски. Тој ги отфрла обвинувањата дека одбегнувал служење војска и врати дека ВМРО-ДПМНЕ се служи со лаги и навреди за да ги прикрие внатрепартиските проблеми.

„Никогаш ниту сум избегнувал ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал. Но, не сум изненаден. Не сум изненаден и за сите други лаги, клевети, лажни вести и манипулации од ВМРО-ДПМНЕ. Тие не се менуваат, а скандалите во Град Скопје само потврдуваат дека не само што партијата не е реформирана, туку дополнително криминализирана“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од премиерот Ковачевски поради дезертерство, додека од СДСМ обвинија дека партијата на Мицкоски се служи со лаги за да ги прикрие несогласувањата и расколот во партијата.