ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори излегува со најголема коалиција наречена „Твоја Македонија“, откако со денешното приклучување на уште 7 други партии таа брои вкупно 24 коалициски партнери. Тие денеска потпишаа договори за коалиција. Дел од новоприклучените преминаа во оваа коалиција кои досега пак беа дел од владејачката коалиција. Тука се Демократскиот сојуз на Павле Трајанов кој прв ја напушти СДСМ, потоа Достоинство на Стојанче Ангелов и Обединети за Македонија на Љубе Бошковски. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски рече со ова ги затвори разговорите за можни нови членови на коалицијата, но не сакаше да одговори колку од сите овие коалиционери ќе добијат место на кандидатските листи за претстојните избори.
„Ова е финална коалиција, предизборна коалиција со која што ќе настапиме на следните парламентарни избори. Апелираме да има масовна излезеност на овие избори бидејќи неизлегувањето на овие избори подразбира поддршка на неодговорната и криминиална власт. Затоа излезноста е клучот“, рече Мицкоски.
Во врска со изјавите на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во однос на предноста, Мицкоски рече дека и не очекува од него да развее бело знаме.
„Нормално е дека Ковачевски ќе се обиде да најде начин како да го мобилизира своето членство, коалицијата која што застана позади Димитар Ковачевски и СДСМ, јас не очекувам дека тој сега ќе излезе и ќе развее бело знаме и ќе рече предадени сме, завршена е работата иако во тие меѓупартиски состаноци јасно им е и на нив и тие меѓу себе си кажуваат, лицитираат со бројки колкав ќе биде поразот, дали ќе биде со 30 пратеници разлика, помалку од 30 пратеника разлика.“, изјави Мицкоски.
Од СДСМ се јавија со реакција за составот на коалицијата, но и кандидатските листи на ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека тоа е понуда која значи блокада на Европската унија.
„Ова е понуда за блокада на европскиот пат на државата, тоа е кристално јасно. Над 80 проценти од предложените кандидати за пратеници се истите тие кои досега спроведуваа активна блокада на македонското Собрание. Со истите лица на листата белата палата потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад. Во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена и не можат да донесат никакви промени на подобро.“, вели Шркијељ.
Откако минатата недела СДСМ на конвенција ги соопшти листите на пратеници, утре и ВМРО-ДПМНЕ излегува со нивните кандидатски листи.
