„МВР за граѓаните“ на дело – пристигнаа 140.000 обрасци на граничниот премин Богородица. Ваквата објава на дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев кој и самиот беше присутен на пречекот на обрасците за пасошите предизвика големи реакции во јавноста.
Од ВМРО-ДПМНЕ иронично забележуваат дека ова е уште една „генијална“ идеја на власта и воедно ги повикаа да го поддржат законот за продолжување на рокот на пасошите.
Откако граѓаните беа сведоци на отворање на тунел со играње ора и жива музика, еве сега имаме втор дел, организирање на свеченост за пристигнување на обрасци за пасоши.
Верувале или не, дополнителениот заменик министер Митко Бојмацалиев завчера на граничниот премин Богородица ги пречека обрасците за пасоши свечено со салутирање кон обрасците, а фалеше уште и огномет за сликата да биде целосна.
Но дополнителниот заменик министер Бојмацалиев во вчерашното издание на 10 минути на ТВ21 рече дека тоа е направено со цел да се демантираат шпекулациите околу тоа дека нема да има обрасци.
„Бидејќи изминативе денови бевме соочени со лажни вести, доаѓаат, не доаѓаат обрасци, толкав број имаме, волкав број имаме на обрасци и ја направив од таа причина за на граѓаните да им покажам дека тоа што го говорам последните денови дека пратката ќе дојде до четврток или петок во таа бројка тогаш и таму, да им докажам дека тоа што го зборувам е навистина така. И не беше никаква посебна свеченост, тоа е нормална посета на министер, на дополнителен заменик министер кога оди на еден полициски објект каде што му се предава рапорт, прави обиколка на колегите и дојде камионот“, вели Митко Бојмацалиев.
Неофицијално, законот за продолжување на пасошите ќе биде на дневен ред на седницата во среда. Но, според претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски овој закон не може да се менува бидејќи е врзан со Преспанскиот договор и може да се смени само во согласност на земјите членки на Европската унија и Грција.
