Обвинувањата од опозицијата дека набавката на хеликоптерите се врши во предизборен период е неприфатлива, бидејќи таа е почната многу порано, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска. Според неа во оваа набавка нема ништо спорно иако ВМРО-ДПМНЕ, како што вели, се обидува да ја оквалификува како криминална.
„Апсолутно не било темпирано да биде во предизборен период, едноставно сега е дојдена до оваа фаза набавката, таа е почната пред неколку години, поминати се сите чекори кои се потребни и се согласно законската регулатива на нашата држава, така што нема ништо спорно, нема ништо криминално како што се обидуваат да го извртат тоа. Едноставно ова е дел од големиот процес на модернизација за која што постојано зборуваме. Меѓутоа исто така она што мене ме зачудува е разногласието во ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање. Пратеникот Драган Ковачки токму на Комисијата за одбрана и безбедност јасно кажа дека иако имаат бројни прашања сепак тие ја поддржуваат оваа иницијатива“, вели Славјанка Петровска.
А токму на Комисијата за одбрана и безбедност Ковачки гласаше За набавката на хеликоптерите од фирмата Леонардо.
„Ние ќе ја поддржиме оваа иницијатива секако, нема да ја кочиме, нема да ја блокираме, меѓутоа мораме да бидеме отворени и да си кажеме дека навистина има пропусти и дека има работи кои што можат да бидат и тоа како подобрени и тоа како да си ја унапредиме нашата Армија, значи, велам да имаме додадена вредност, а не да даваме пари за нешто што веќе со постоечково го имаме, само што не се одржува“, порача Драган Ковачки.
Но и покрај ваквата изјава на Ковачки, од неговата партија и денеска излегоа со спротивен став во однос на набавката на хеликоптерите. Бараат власта да ја стопира набавката, бидејќи како што велат, тоа треба да го направи идната Влада.
„Власта да ја стопира набавката од 250 милиони евра за транспортни хеликоптери во изборен период, за тоа треба да одлучува идната влада. Надвор од секое нормално делување е СДС и ДУИ да вршат избор на тендер од 250 милиони евра на неколку недели пред избори, во период на техничка влада. Наместо борбени хеликоптери, власта набавува транспортни, со што не ја зголемува борбената готовност на АРМ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерството за одбрана набавува 8 хеликоптери од италијанската компанија Леонардо, за кои како што информираше министерката Петровска се според највисоките НАТО стандарди и долгорочниот план за модернизација на Армијата и кои треба да ги заменат старите хеликоптери од руско производство.
