Околу седницата во Собранието која беше прекината рано утрово, а која траеше повеќе од 20 часа, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ повторно во „војна“ со соопштенија.
Во ВМРО-ДПМНЕ прашуваат како тоа давање на 33 милиони евра на олигарх, е интерес на граѓаните. Од СДСМ, пак, велат дека опозицијата го кочи процесот на гасификација.
„СДСМ да објасни како 33 милиони евра народни пари од олигархот Заев до олигархот Андреја Јосифовски е интерес на граѓаните.
Заев да објасни зошто шверцерски бутка закон со маратонски расправи и дали зад тоа се крие интересот да се врзе телевизијата која е во сопственост на Макпетрол?!
Заев да каже дали интерес на државата е со 33 милиони да се купат вакцини иамбулантни возила или да се полни џебот на олигархијата?!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со реакција веднаш се јавија и од СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ го кочи процесот на гасификација, немаат поднесено ниту еден амандман за Законот за решавање на спорот со АД „Макпетрол“ а имаат илјадници за Деловникот за работа на Собранието
ВМРО-ДПМНЕ ниту имало ниту ќе има чувство за интересите на граѓаните и државата. Тие знаат само за личен, партиски интерес и затоа во Собрание кочат се што е на дневен ред.
Со Законот за решавање на спорот помеѓу Владата и АД „Макпетрол“ се надминува наследен проблем, настанат во друго време, се’ со цел да не се развие гасоводниот систем и да бидеме “заробеници” само на една гасна врска и монопол.
Решаваме децениски спор со кој ќе се либерализира во потполност пазарот. По 32 милиони евра поседуваат „Макпетрол“ и Владата во АД „ГА-МА“, кое управува со системот за пренос на природен гас.“, соопштија од СДСМ.
