Од денеска во 11 часот на територијата на целата држава започнува 42-часовен карантин, со цел спречување на ширење и справување со пандемијата на Ковид-19. Забраната за движење ќе трае до вторник 05:00 часот.
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во земјава се искачи на 1 941, откако во текот на изминатото деноноќие беа потврдени 20 нови случаи на Ковид-19.
Одлуката овој продолжен викенд да има зголемена рестрикција за движење на граѓаните, односно полицискиот час да трае од недела во 11 часот, до вторник до 05.00 часот, Владата ја донесе на 56-тата седница, иако претходно Комисијата за заразни болести поднесе предлог полицискиот час да трае од сабота од 19:00 часот до вторник до 05:00 часот.
Oд Владата информираа дека за време на продолжениот празничен викенд граѓаните, во периодот кога важи забраната за движење, своите миленичиња ќе можат да ги изнесуваат наутро од 08:00 до 08:30 часот, потоа попладне од 15:00 до 15:30 часот, како и навечер од 20:00 до 20:30 часот, до 100 метри оддалеченост од живеалиштето и со примена на останатите мерки за лична заштита.
