Во 2021 59 луѓе живи изгореа – никој не чувствува одговорност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

14 лица загинаа и 12 беа повредени при пожарот во тетовската модуларна болница на Денот на независтноста/ Модуларната болница изгоре за само три минути. Во објектот немало противпожарни апарати и систем за рана детекција на пожари. Речиси по еден месец тетовското обвинителство ги објави првите наоди од вештачењето. Причината е спој во приклучниот кабел во дефибрилатор. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија, на кој биле приклучени дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

„Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор, со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби“, велат од обвинителство.

Медицинскиот персонал се обидел да го угасне пожарот, но тој бргу се проширил низ целиот објект, од кровните панели кон панелните ѕидови и болничкиот инвентар. Причината зошто не било возможно да се запре огнот е тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентот на присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено.

„Последната трагедија во Тетово многу ме погоди, многу жалам за загинатите, сочувствувам со нивните семејства. Нема зборови што можат да го опишат ниту начин да се надомести загубата. Како лекар и министер имам интегритет. Затоа денеска од морални причини понудив писмена оставка до премиерот“, посочи Венко Филипче.

Министерот за здравство во заминување Венко Филипче си поднесе оставка, но не му беше прифатена од премиерот во заминување Заев.

За неполни три месеци на 23.11 .2021 45 лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа во која се запали македонски автобус на автопатот „Струма“ во Бугарија. Во автобусот патувале 52 лица на релација Истанбул-Скопје. Меѓу загинатите имаше 12 малолетници, меѓу кои и двајца близнаци. Во несреќата загина и возачот. Преживеаа седум лица. Роднините на патниците кои се превезувале со автобусот од првиот ден на несреќата очекуваа средба со сопственикот, но до ден денес не е оставарена.

„Она што го дозна тимот на местото на несреќата е дека предметниот автобус кој се движел на релација Турција -Р. Бугарија од РСМ на месо викано „Кулата“ на автопатот А3 во Р.Бугарија удрил во банкина и еластичната ограда од десната страна која го раздвојува постојното одморалиште покрај автопатот при што возачот изгубил контрола над возилото и дошло до самозапалување на  надворешниот дел од возилото, а потоа и удар во средишната разделна еластична одбојна ограда на автопатот при што настанало целосно опожарување на возилото“, вели Оливер Спасовски.

Министерството за транспорт и врски утврди дека за споменатото возило нема издадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз за патници, ниту пак за друг вид на јавен превоз на патници.

Истото возило не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци и извод од лиценци за вршење на јавен внатрешен и/или меѓународен превоз на патници која ја води Министерството за транспорт и врски. Во 2020 година во 22 случаја има остварено влез – излез од државата, додека во 2021 година има 113 преминувања на државната граница.

„Превозникот Беса транс поседувал две лиценци за работа. И тоа лиценца за слободен превоз на патници во меѓународниот сообраќај со број 007017 за оваа лиценца веќе донесов решение да му биде одземена заради злоупотребата што ја правел превозникот“, додава Благој Бочварски.

Но, никој за конкретниот случај не поднесе оставка. До сега добија отказ само двајва цариници и нивниот раководител.

Со државно-воена церемонија,  на 3-ти декември на  Меѓународниот аеродром во Скопје беше организиран пречек на посмртните останки на загинатите граѓани во автобуската несреќа. Истрагата е при крај се очекуваат само резултатите од вештачењата – судско-медицинска, техничка и пожарно-техничка.

„Брзината на автобусот била прилично несоодветна со условите на патот. Мислам дека возел над 90 км/ч. Барањата на еден професионален возач на автобус се повисоки отколку за кој било друг возач“, вели Борислав Сарафов.

Сепак, Сарафов посочи дека ознаките на патиштата „очигледно не ги исполнуваат условите“. Досега истрагата покажува дека од ударот се дупнал резервоарот за гориво, избувнал пожар и возилото се заглавило меѓу заштитните огради што ги делат двете ленти на автопатот.

Шумските пожари коишто изминатово лето ја зафатија Македонија се најголемите во изминатава деценија. За само четири месеци, во периодот од јуни до септември 2021 година, имало 142 шумски пожари во кои биле зафатени 11.420 хектари површина под шума.