Во 2021 собрани 46,4 милиони евра од патарини, автопатите се уште со дупки

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Кога патуваш по автопатот Скопје-Тетово плаќаш две патарини од вкупно 80 денари, пари кои се предвидени за одржување на автопатот.

Но, вака изгледа автопатот за кој секојдневно се собираат по илјадници денари.Дупки на сред пат, и тоа на само неколку метри од патарината…Дека патниот правец веќе подолго време е во ваква состојба покажува и постапката на возачите кои ја користат лентата која не е дозволена, само за да ги избегнат дупките.


-Поради автопатот Тетово-Скопје голем број автомобили се оштетени, бидејќи ако погледнеме околу патот, ќе забележиме делови од оштетени возила.

За одржување на автопатиштата на годишно ниво се собираат 1,9 милијарди денари, средства кои им се доставуваат на Јавното Претпријатие „Македонија пат“ кое е надлежно за одржување на регионалните и магистралните патишта. Но, од ЈП за Државни патишта велат дека минатата година неколкупати побарале од „Македонија пат“ да го санира овој дел од автопатот, но дека досега не презеле ништо.


-Во врска со вашиот покажан интерес за одржување на автопатот Глумово-Скопје, ве информираме дека ЈП за Државни патишта минатата година неколкупати писмено му се обрати на ЈП за одржување и заштита на регионалните и магистралните патишта „Македонија пат“ и побара да се санира овој дел. Во меѓувреме ЈП за Државни патишта работи на изнаоѓање решение за неговото санирање.

Директорот на „Македонија пат“ вели дека во март ќе почне санирањето на овие дупки. Исто така додава дека за да се рехабилитира тој дел од автопатот потребен е посебен вид асфалт.

Во 2021 година се остварени приходи од 46,4 милиони евра само од патарини, пари наменети за одржување на автопатиштата. Ова е за 2,8 милиони евра повеќе во споредба со 2019 година пред пандемијата, а за 12,1 милиони евра повеќе во споредба со 2020-та кога граничните премини беа затворени до втората половина на мај, вели Костадин Ацевски директор на Македонија пат.