Речиси секој ден во 2022 година жител на Кичево бил нападнат од кучиња скитници, покажува годишната статистика на Секторот за внатрешни работи-Охрид. Во 365 дена од годината, 252 граѓани пријавиле напади од кучиња, а бројката може да биде уште поголема ако се земат предвид случаите кои не биле пријавени во полиција. Во споредба со 2021 година, бројот на нападите бележи зголемување.
„На подрачјето на Кичево, за цела 2022 година во Полициска станица се пријавени 252 напади од кучиња врз граѓани. Во споредба со 2021 година има зголемување на бројот на напади, кога имало 237 напади од кучиња скитници“, вели Стефан Димовски.
Судејќи по анкетите на граѓаните, нивен најголем проблем и грижа се нападите од бездомните кучиња.
Граѓаните побараа решение за овој проблем и од градоначалникот на Кичево, но Фатмир Дехари се правда дека жителите не дозволуваат да се гради стационар во близина на нивните населени места. Тој додава и дека има решение во соработка со општината Македонски Брод, но дека се уште нема епилог.
„Имајќи го овој проблем и Македонски Брод, градоначалникот на оваа општина пред две недели дојде во мојата канцеларија, го виде проектот и се договоривме дека ако тој го обезбеди местото, градежната парцела, инвестицијата да ја направиме заедно, најголемиот дел нашата општина“, вели Фатмир Дехари.
За оваа година општина Кичево издвои 20 илјади евра за стерилизација и кастрација на кучињата скитници. Ризикот од напади на кучиња е поголем во текот на зимскиот период, поради недостиг на храна. Единствената организација која се грижи за овие кучиња е „Грифон“ која се обидува колку може да ги нахрани и да ги држи под контрола. Нивните пресметки покажуваат дека само во Кичево и околината има околу 700 кучиња скитници.
