Фирмите кои во 2023 година го платија солидарниот данок, ќе ги добијат парите назад – но дури во 2026 – та. Министерството за финансии најави дека процесот ќе се спроведе врз основа на договори, со индивидуален пристап кон секоја компанија. Причината – различната позиција и различните очекувања од фирма до фирма.
„Што значи дека нема правило дека ќе се водиме по еден терк, туку напротив, пристапуваме со секоја компанија поединечно, затоа што секаде различна е потребата“, рече Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии.

Министерката кажа дека денеска имале средба со една од компаниите која платила најголема сума на име на овој данок и дека планираат средбите со сите останати 155 фирми да ги заврши во следниве 30 дена. Таа очекува некои компании да бидат дарежливи.
„Морам да кажам дека информациите кои што ги добивавме и состаноците кои што ги имавме со одредени компании, беа од тоа дека сакаат да им се вратат средствата со плакање, трансакциски, не во кеш, туку трансакциски, до такви компании кои што велат можеме да пребиваме, но и има и такви компании кои што велат ние нема да ги сакаме парите назад односно кога ќе ни ги вратите парите, кажате ни каде е општествено одговорно да ги инвестираме.“, вели Димитриеска-Кочоска.

Министерката Димитриеска – Кочоска најави дека дел од службите во министерството веќе ги разгледуваат правните аспекти и можната одговорност на одредени лица за носењето на ваквиот уставно спорен данок. Инаку, 156 фирми беа обврзани да го платат данокот и во буџетот по оваа основа во 2023 година дојдоа 49,2 милиони евра, кои сега ќе треба да се враќаат.
