Во Берово и Пехчево тестирани 136 кандидати за реонски попишувачи и инструктори

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во Берово по сите препораки за заштита од Ковид 19, спроведено е тестирањето на кандидатите за реонски попишувачи и инструктори за престојниот попис на населението, становите и домаќинствата, што треба да се реализира од 1 до 21 април годинава. Тестирањето како што истакна Анета Костевска, државен инструктор во ДЗС, се спроведе навремено и без проблеми.

– Општина Берово заедно со соседната општина Пехчево спаѓаат во пописен реон 1, каде се пријавиле вкупно 136 кандидати, што е за околу стотина кандидати повеќе од предвидениот број од 70 попишувачи и 8 реонски инструктори. Пријавените кандидати одговараа на 35 прашања поврзани со начините на попишување, податоци за реонизација, како и правила на самиот попис, истакна Костевска.

Селекцијата на кандидатите, како што додаде, ќе се изврши според успехот на тестот, со што потоа следи фаза на обука на инструкторите и попишувачите.

– Во понатамошната фаза предвидено е секој инструктор да има по 10 попишувачи, кои исто така ќе поминат обуки и ќе им бидат одредени терените на попишување. Попишувачите ќе имаат технички помагала на кои ќе ги внесуваат податоците. Пријавените кандидати, се тестираа во групи согласно протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021 година, донесен од страна на Комисија за заразни болести, додаде Костевска.

Според пописот од 2002 година вкупното население во општините кои ги опфаќа пописниот реон 1 изнесуваше 19.458 жители со 6141 домаќинства и 9619 станови.