„На оваа локација кај училиштето „Иднина“ во Чаир е предвидено да се изградат две нови основни училишта кои ќе ги финансираат невладини здруженија“, вели репотерката на ТВ21, Фазиле Халили.
Со изградбата на овие училишта, според градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, ќе се реши сериозен проблем на граѓаните на оваа општина бидејќи, како што додава, најблиско училиште за жителите на Чаир е училиштето „Пенко“, но таа е под надлежност на општина Бутел, затоа често е преполна и се јавуваат проблеми при запишување на учениците.
„Таму ќе се градат две училишта, едното ќе биде за лица со посебни потреби, а другото ќе биде основање на ново основно училиште, нешто што недостигаше во овој дел од стар Чаир поради што секој септември, можам слободно да кажам, имаме многу проблеми затоа што логично граѓаните бара да ги запишат нивните деца во училиштето „Петар Здравковски – Пенко“ а тоа училиште се наоѓа на граница на општина Чаир, но се управува и е на територијата на општина Бутел.“, вели Висар Ганиу.
Во моментов училниците во основните училишта во Чаир се преполни со ученици, па со отворањето на нови училишта ќе се „ослободат“ училниците. Ганиу посочи дека проектот ќе чини околу 2,5 милиони евра.
„Во корелација сме со Министерството за образование бидејќи добивме дозвола да го започнеме овој проект, ќе го финансираат невладините здруженија под капата на Албиз, вклучена е и американската УСАИД , па тоа ќе биде заеднички проект на Албиз, УСАИД и општина Чаир“, рече Ганиу.
Училиштата ќе бидат заеднички проект, но со посебни објекти кои ќе бидат во дворот на училиштето „Иднина“.
