Работите на изградбата на Коридорот 8, на делницата од Гостивар до Кичево, според изведувачот се одвиваат според предвидената динамика и без никакви пречки.
Моментално се работи на изградбата на петтиот мост на петтиот километар, заедно со седмиот мост на седмиот километар.
Според одговорниот инженер за овој мост, најголем предизвик било пренасочувањето на реката Вардар, при што особено внимание било посветено на зачувување на нејзиниот природен тек.
Исто така, посебна грижа при изградбата на овој коридор била посветена на локациите каде што почвата е нестабилна, каде се изградени потпорни ѕидови од камења за да се обезбеди стабилноста на мостовите.

„Најголемиот предизвик тука беше реката Вардар, која има клучно значење за Македонија бидејќи тече сè до Скопје. Во соработка со сеизмичкиот оддел го проектиравме прво пренасочувањето на текот на реката, а потоа и изградбата на потпорните столбови. Во моментот сме во втората фаза, а изградбата продолжува. Според досега изградената субструктура, околу 80% од работите на оваа точка се завршени и продолжуваме со изградбата.“, вели Мехмет Аќиф Абаџи, надзорен инженер.
„Габионските ѕидови се клучни за носечките структури. Тие се градат кога постои ризик од ерозија на почвата, но и како заштита од поројни дождови или снежни врнежи.“, изјави Велон Суло, одговорен инженер за делот 2А и 2Б.

Целиот основен материјал за изградба на мостови и други бетонски делови се добива со ископ од планините, што истовремено служи и за намалување на нивната висина. Посебно внимание се посветува на квалитетот на основниот градежен материјал, со цел безбедноста на изградбата во Делот 2, но и на другите делови од коридорот, да биде на високо ниво, вели одговорната инженерка.
До април оваа година, според компанијата, беа завршени околу 30% од работите на Коридорот. Пред неколку месеци започнаа и градежните активности на првиот дел од Коридорот 8, на трасата од Тетово до Гостивар, во должина од 17 километри, во вредност од над 90 милиони евра.
