Во Хрватска од следната година минималната нето плата ќе изнесува 500 евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Минималната нето-плата во Хрватска за 2022 година ќе изнесува 3.750 куни (500 евра), што е зголемување за 10,3 отсто.

Со ова за првпат минималната плата ќе биде над 50 отсто од просечната нето-плата, беше истакнато на владината седница одржана денеска.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во воведниот дел од владината седница рече дека детално се разгледани сите опции во однос на зголемувањето на минималната плата, а Министерството за труд имало консултации со социјалните партнери.

– Во овие економски околности, проценуваме дека минималната плата ќе се зголеми од постојната нето минимална плата од 3.400 на 3.750 куни, рече Пленковиќ, додавајќи дека тоа ќе биде едноставно за паметење, со оглед на тоа што е 500 евра.

Пленковиќ нагласи дека станува збор за зголемување од дури 10,3 отсто, а се однесува на околу 51 илјада вработени кои имаат минимална плата.

– Ова е првпат да ја подигнеме минималната плата над 50 отсто од просечната нето-плата. Ова сè уште не се случило во Хрватска, рече хрватскиот премиер.

Пред пет години минималната плата беше 38 отсто од просечната плата.