Мислењето на Советот на јавни обвинители за избор на нов Државен обвинител, на кое на списокот се четири имиња, стигна до Владата. Но, неизвесно е дали и кој ќе го помине владиниот филтер и дали утре на владина седница ќе помине „адутот“ на Владата за наследник на Коцевски и ќе се испрати до Собранието. Нема детали дали изборот ќе се сведе на тројца или четворица кандидати, откако премиерот Христијан Мицкоски јавно ја отфрли од трката, обвинителката Ленче Ристоска.
„Ве информираме дека мислењето од Советот на јавни обвинители е пристигнато. Откако формално-правно ќе помине низ соодветните процедури и ќе биде разгледано на владина седница, по донесувањето на одлуката јавноста навремено ќе ја информираме“, велат од Владата.
Премиерот Мицкоски во телевизиско интервју ја елиминираше од трката обвинителката Ристоска. Прашан дали се во игра сите четворица кандидати од листата која до Владата ја испрати Советот на јавни обвинители, вклучително и Ленче Ристоска, тој одговори:
„Апсолутно не се сите во игра и мојот став поврзано со тоа име е апсолутно дека тоа име не е во игра“, рече Мицкоски.
Избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност- реагираше обвинителката Ристоска. По изјавата на премиерот се засили и партиската реторика, а реагираше и експертската јавност.
Членовите на Советот на јавните обвинители, покрај за Ристоска, дадоа позитивно мислење за актуелната в.д државна јавна обвинителка, Анита Тополова-Исајловска, потоа за обвинителката Лидија Раичевиќ и за судијата Ненад Савески. Од трката отпадна поранешниот кривичен судија Владимир Панчевски. На потег сега е Владата која ќе одлучи чие име ќе испрати до Собранието, кое треба да го избере новиот Државен обвинител.
Тој треба да го наследи Љупчо Коцевски, кој во декември поднесе неотповиклива оставка. За изборот во Собранието е потребно мнозинство од 61 пратеник.
