Пет кандидати, пет визии за раководење со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Пред Советот на јавните обвинители, кандидатите ги презентираа своите приоритети, ставајќи акцент на професионализмот, независноста од политичките влијанија, финансиските истраги. Според она што го презентираа, клучни во нивната работа ќе бидат транспарентноста, дигитализацијата, зајакнувањето на човечките ресурси, зајакнувањето на истражните капацитети, ставањето во функција на истражниот центар, понапредните финансиски истраги, дигитализацијата и техничката опрема, како и специјализираните обуки за обвинителите и персоналот.
„Нема да дозволам ова обвинителство да биде политички инструмент, ниту да заобиколува сложени предмети поради нивната чувствителност. За сите треба да важат истите законски критериуми“, вели Трајче Пеливанов.
„Верувам дека, кого и да изберат или за кого и да гласаат, јавните обвинители треба да го направат тоа само заради сопственото достоинство, бидејќи преку своето достоинство ќе го дадат гласот за авторитетот што утре ќе ги претставува“, вели Лидија Раичевиќ.
„Следната точка од мојата програма, која е важна, е поголема активност во делот на финансиските истраги, а тоа секако ќе доведе до поголема конфискација на имотот“, вели Искра Хаџи Василева.
„Кога зборуваме за транспарентност, не зборувам само за пристапот на обвинителите и медиумите, за кој се подразбира дека треба да биде дозволен, туку и за одлуките што ги донесуваат јавните обвинители, нешто слично на она што го има и судот“, вели Јован Цветановски.
„Мојот фокус, генерално, ќе биде истражниот центар да биде главната движечка точка во тоа обвинителство, со можност истражувачите да бидат вработени во Јавното обвинителство“, вели Фатон Азизи.
Изборот кој ќе го води ова обвинителство ќе се одржи на 28 октомври, со тајно и непосредно гласање од страна на јавните обвинители, поради завршувањето на мандатот на актуелниот шеф на обвинителството, Ислам Абази.
