Во јули почнува изградбата на вториoт дел од Скопје-Блаце – Кичево-Охрид комплетно готов во првиот квартал од 2027-ма

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По двата изградени километри, кои се градеа шест години и кои практично не завршуваат никаде, ново ветување за старт на градежните активности за вториот дел на автопатот Скопје-Блаце.

Работите на терен треба да почнат во јули. Кога треба да бидат готови преостанатите 10 километри, не се знае, но познато е колку ќе чини. Според проценките, сумата изнесува 215 милиони евра, или 21,5 милиони по километар.

Премиерот Мицкоски информираше дека евалуацијата на проектот е завршена, но се чека да заврши жалбената постапка и тогаш да почнат активностите на терен.

„На почетокот на јули годинава ќе почне да се гради автопатот Скопје – Блаце. Евалуацијата и изборот на компанија е завршен, и сега тече жалбена постапка во втор степен, а потоа треба да се очекува почеток на градежните актвиности. Парите се обезбедени, а проектот треба да чини 215 милиони евра“, вели Христијан Мицкоски.

Освен Скопје-Блаце, во завршна фаза е Кичево-Охрид. Една делница ќе биде пуштена оваа година, на 8-ми септември, додека целиот автопат треба да биде пуштен во употреба во јануари следната година, или најдоцна во првиот квартал од 2027-ма.

„Делницата од Извор до Врбјани ќе биде пуштена на Денот на независноста, 8-ми септември, барем така очекуваме. Целиот автопат, Кичево-Охрид треба да биде пуштен во употреба во првиот квартал од 2027-ма година. За комплетирањето на ова автопатско решение обезбедени средства од 175 милиони евра, како заем од домашните банки, па финансиски покриен е целиот проект“, вели Христијан Мицкоски.

Заедно со автопатот Скопје-Блаце, како и автопатските делници од Коридор 8, Мицкоски вели дека во ист момент, во втората половина од оваа година ќе се работи на 6 автопатски решенија, како и на неколку експресни патишта.