Во Лабораториум се отвора првата изложба од програмата „Нови Лица“ – фотографски проект на младата авторка Јана Наскова

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На 11 јуни со почеток во 20ч, во културно-едукативниот центар Лабораториум ќе биде отворена изложбата на фотографии на младата авторка Јана Наскова, која е резултат на едномесечната резиденција реализирана во рамки на иницијативата  „Градски ѕид за Нови Лица на македонската културна сцена“.

Изложбата претставува прв јавен настан од оваа иницијатива, преку која Лабораториум ги поддржува и афирмира новите генерации уметници и креативци од независната културна сцена. Во текот на изминатиот месец, Наскова работеше под менторство на реномираната фотографка Еџе Али, развивајќи авторски фотографски проект инспириран од урбаниот простор околу неа.

Јана Наскова е родена во Скопје во 2001 година. Дипломирала интердисциплинарна програма по либерални уметности и науки, со фокус на филм, филозофија и литература, во Амстердам, Холандија. Нејзиниот професионален и активистички ангажман опфаќа работа во младински организации, образование, медиуми и граѓански иницијативи. Нејзината работа се движи на пресекот помеѓу уметноста, општествената ангажираност и личниот наратив.

Проектот „Нови Лица“ има за цел да открие, поддржи и промовира нови автори од македонската независна уметничка и креативна сцена. По јавен повик, стручно жири составено од културни работници, професори, уметници и професионалци избра осум млади артисти и креативци кои до крајот на оваа година ќе поминат низ едномесечни менторски резиденции. Секој учесник работи со искусен ментор кој го насочува и поддржува неговиот креативен процес, со цел создавање на ново авторско дело што ќе биде јавно презентирано во Лабораториум. Изложбата на Јана Наскова е прва во низата од осум изложби, презентации и јавни настани во склоп на овој проект, кои ќе се реализираат до крајот на годината, претставувајќи ги резултатите од соработката помеѓу младите автори и нивните ментори.

Лабораториум е приватен културно-едукативен центар во Скопје, кој во изминативе две и пол години функционира како простор за независна култура, едукација и социјализација. Со над 550 реализирани настани, меѓу кои работилници, изложби, концерти, театарски претстави, креативни базари, кино-проекции, радио програми и други активности, Лабораториум изгради динамична заедница на млади уметници, креативци и проактивни граѓани, при тоа поттикнувајќи нови форми на соработка и културно учество.

Иницијативата „Нови Лица“ се реализира во рамки на проектот „Култура за развој“, поддржан од Владата на Швајцарија, а имплементиран од Хартефакт Фонд.

Изложбата е отворена за јавноста, а влезот е слободен.