Во Македонија ќе се произведуваат делови за германскиот автомобилски гигант „Ауди“. Премиерот Христијан Мицкоски најави нова инвестиција на германската компанија „Кромберг и Шуберт“ во Битола, со која ќе се отворат 2.000 нови работни места.
-Денес објавуваме значајна вест за домашната економија. Компанијата „Кромберт и Шуберт“ започнува нов инвестициски проект, каде што во следните четири години се предвидува отварање нови 2.000 работни места. Она што таму ќе се произведува се автомобилски компоненти за германскиот автомобилски гигант „Ауди“. Не треба да ве потсетувам што е „Ауди“ и што значи за автомобилската индустрија, вели претседателот на Влада, Христијан Мицкоски.
Премиерот информира дека во фабриката во индустриската зона Жабени ќе се произведуваат системи за нов модел на „Ауди“ со планиран обем од над 3.000 снопа дневно. Директорот на „Кромберг и Шуберт“ Ѓорѓи Тренковски, смета дека Македонија има доволно стручен кадар и вели дека ќе се обидат да ги најдат тие 2.000 работници во земјава.
-Ќе ги контактираме сите расположливи инженери, оператори, невработени лица кои што можеби сакаат да ја сменат работата. Доколку не можеме да ги пополниме сите работни места, во право сте дека се зголеми квотата за странци, внимателно ќе одиме и во таа насока. Значи ние проектот веќе е одлуката падната, ќе биде во Македонија, ќе ги имаме тие работни места, оставете ни низ оперативната работа да видиме од каде ќе дојдат тие вработени, изјави Ѓорѓи Тренковски, директор на „Кромберг и Шуберт“ Македонија.
„Кромберг и Шуберт“ досега има реализирано три инвестициски проекти во земјава. Премиерот очекува со овој проект да се дојде до вкупно 10.000 вработени во фабриката. Очекувањата се в година компанијата да надмине 400 милиони евра извоз од своите производствени капацитети кај нас. Но и подобро платени работни места. Според премирот, просечните плати таму, особено за висококвалификуваниот кадар, се над 80 отсто над просекот во Македонија.
