Препораките што вчера македонскиот дел од Мешовитата комисија ги презентираше а Министерството за надворешни работи ги објави предизвика голем број реакции во јавноста. Критиките особено беа насочени кон формулацијата дека „делото на Светите Кирил и Методиј е сочувано и развивано во книжевните центри Преслав и Охрид, кои тогаш се наоѓале на територијата на средновековната бугарска држава, како и за Цар Самоил за кого се наведува дека „е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија“. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неговата изјава вчера остро критикуваше дека македонските власти го прифаќаат диктатот на Бугарија.
„Јас предупредував дека ние наместо да зборуваме за 21-от век, за 22-от век, за иднината, ние ќе зборуваме за Средниот век, како што впрочем видовте, се зборува за Цар Самоил се зборува за Климент, се зборува за Наум, за Кирил и Методиј и се зборуваат неточни работи. Практично ние сега ние треба да ги менуваме, односно да ги цензурираме учебниците на децата кои што ќе учат во училиштата под диктат, под притисок на Бугарија. И овој срам и овој диктат ќе продолжува понатаму, така што темата е политичка и јас на сето ова предупредувам континуирано предупредувам, но очигледно дека крајот доаѓа и за ова ќе има одговорност“, рече Мицкоски.
Поддршка на ваквите препораки нема и од Демократскиот сојуза на Павле Трајанов кој е дел од владината коалиција. Од оваа партија предупредуваат дека во препораките постојат грешки со историски димензии. Со оспорување на македонските просветители и револуционери, се негира македонскиот идентитет неговите корени и иднината. се вели во реакцијата на Демократскиот сојуз.
„Формулациите за заедничко чествување на Светите Кирил и Методиј, Свети Климент и Свети Наум и Цар Самоил и препораките за менување на учебниците директно го менуваат историскиот наратив во полза на бугарската национална и етничка кауза во Македонија. Демократскиот сојуз оценува дека е неприфатливо со административни комисии и решенија да се менува минатото, со интенција со релативизирање на историските факти да се негира и обезличува македонскиот идентитет.“, велат од Демократскиот Сојуз.
Во препораките на заедничката историска комисија нема ништо спорно, ниту пак нешто се крие, а со нив се отфрлаат сите тврдења на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе има историја по бугарски терк, велат од СДСМ.
„Препораките се усвоени од стручна и независна комисија, без какво било политичко влијание и тие воопшто не ги допираат идентитетските прашања. На овој начин се затвора уште едно отворено прашање, а при тоа македонскиот идентитет, македонската посебност се целосно заштитени. Истовремено се покажа дека лагите на ВМРО-ДПМНЕ кон граѓаните за наводна асимилација и бугаризација се со единствена цел да се наруши процесот на решавање на отворените прашања.“, рече Даниела Николова.
Со реакцијата се јавија и од Министерството за надворешни работи од каде даваат поддршка на работата на Мешовитата комисија.
„Работата на Комисијата, содржината на која што таа работи, е целосно автономна, суштински експертска и професионална, заштитена од било какви политички влијанија. Овој предуслов е содржан и во принципите на Протоколот потпишан меѓу двете министерства за надворешни работи, и претставува еден од клучните принципи кој обезбедува стручност и автентична експертиза во работата на Комисијата.“, велат од МНР.
И додека во македонската јавност главно се критикуваат препораките, од бугарска страна се слави. Бугарското министерство за надворешни работи и благодари за договореното од страна на Комисијата.
„МНР се заблагодарува на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања за досегашната активност и ја охрабрува поинтензивно да продолжат со напорите, со цел да се заврши работата на сите периоди од општата историја, согласно чл. 8 ст. 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Прогласување победа и пофалби за договореното стигнаа и од бугарската платформа „Национален круг за Македонија“, составена од тамошни историчари и лингвисти.“, велат од бугарското МНР.
„Победа за бугарската историска наука! Колегите во Скопје официјално го признаа очигледното, Цар Самоил е бугарски цар, учениците на Кирил и Методиј на покана на кнезот-покрстител Борис – Михаил го шират нивниот збор низ бугарското царство, Преслав и Охрид се бугарски книжевни центри. Сето тоа треба да биде запишано во учебниците на децата во РСМ.“, се вели во соопштението на Национален круг за Македонија.
Копретседателот на Мешовитата комисија од македонска страна Драган Ѓорѓиев вчера соопшти дека Македонија и Бугарија заедно ќе ги чествуваат Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум како и Цар Самоил. Воедно препораките предвидуваат и по 5 промени на учебниците и тоа за македонските за 6-то одделение и бугарските за 5-ти клас.
