Стојанче Ангелов од ЦУК преминува како прв човек на Дирекцијата за заштита и спасување. Вели дека Дирекцијата веќе подолго време е во многу лоша состојба, дека покрај недостиг на пилоти и обучен кадар за кризни состојби и натаму има проблеми со сервисирање авионите за гасење пожари. Ангелов вели дека во многу скоро време проблемите ќе бидат отстранети за да го дочекаат подготвени летото кога и вообичаено има пожари.
„Во овој момент во државата нема ниту еден функционален ер трактор, но јас сум оптимист дека набргу ќе ги имаме трите ер трактори заедно со посадите, односно пилотите. Тие моментално се на сервис, постојат одредени би рекол проблеми но верувам дека брзо ќе бидат отстранети и истите ќе бидат вратени во државата благовремено во пресрет на претстојните пожари“, рече Ангелов.

Веќе извесен период се планира спојување на двете институции ЦУК и ДЗС во една. Ангелов не сакаше многу да зборува рече дека за тоа во Владата има формирано работна група за трансформација на целиот систем за управување со кризи.
„Мојот фокус како нов директор на ДЗС е конкретно формирањето на нова институција од двете постоечки. Институција која ќе ги обедини функциите на постоечките две институции, додека морам да укажам целиот систем е далеку погломазен затоа што летно време кога беснеат пожарите ние ги користиме и хеликоптерите на полицијата, хеликоптерите на Армијата, користиме полицајци и војници од специјалните единици“, смета Ангелов.

Ангелов е назначен за прв човек на ДЗС на местото на Џевад Сељами кој е во домашен притвор бидејќи е опфатен во случајот со трагедијата во Кочани. На местото на Ангелов прв човек во ЦУК, пак, е поставен Мухамед Аљи кој доаѓа пак од ДЗС. Ќе му биде многу тешко да го следи моето темпо на работа, бидејќи наметнав нови стандарди на работење, рече Ангелов.
