Сите обвинетите во „Адитив“ за прв пат седнаа на обвинителна клупа. Меѓу 31 обвинето лице, недостасуваше Васко Ковачевски кој е во бегство.
Ќе се суди и на пет правни лица за криминал во државната компанија Електрани на Северна Македонија тежок 6,5 милиони евра.

„За Васко Ковачевски постојат важни причини да му се суди и судот донесе решение да му се суди во отсуство“, вели Даниела Димовска.
Ќерката на Ковачевски со полномошно ангажираше адвокат за својот татко, кој побара одложување на денешното рочиште бидејќи не била запознаена со доказите.

„Актот се оценуваше четири месеци, притворите се ефективни и направивме голем трошок за денешното рочиште. Денеска нема да започнеме со доказна постапка, така што ќе имате можност да се запознаете со доказите. Денеска нема да го одложам судењето“, вели Даниела Димовска.
Сите обвинети рекоа дека не чувствуваат вина. Според Обвинителството, обвинетите преку пререгистрација на фирми и договарање меѓу економски оператори местеле тендери за набавка на адитиви за јаглен за потребите на РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.

„Ќе докажеме и институционална и морална распаднатост во ЕСМ. Обвинителството со докази ќе докаже дека пред нас стои злосторничко здружување на кои државата им доверила еден од најважните системи, за производство на струја. Наместо чесно да ја и вратат на државата која високо парично ги наградувала, тие ја злоупотребиле положбата со цел да се збогатат“, вели Наташа Поп Трајков.
Судењето започна во новата дигитална судница недалеку од затворот Идризово, издадена со пари од ЕУ која пет години не се користеше.

„Од тогаш до денес за жал оваа судница седи празна. Ова е буквално европска судница која заслужува многу почесто да биде користена. Оттука би сакал да ги повикам сите останати судии, особено од поголемите случаи, каде има поголем број на обвинети да ја користат во иднина“, вели Александар Пандов.
Дигиталната судница е изградена според светските безбедносни стандарди со посебни влезови за судечкиот совет, странките, јавноста , како и спровод на притворените лица со целосно почитување на нивните права загарантирани со Устав. Ова, како што беше наведено тогаш, освен што овозможува поголема непристрасност во постапувањето на судот, ќе допринесе и во економичноста на постапката со намалување на трошоците за транспорт и обезбедување на притворени лица, од притворското одделени до зградата на Кривичниот суд.
