Во новата година нова Влада – Шекеринска не знае кој ќе ја наследи, Лукаревска вели останува во УЈП

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Мандатарот за состав на новата Влада Димитар Ковачевски има уште малку денови за да го скрои новиот кабинет со кој тој ќе раководи. Се очекува следната недела до 11 јануари до Собранието да го достави на усвојување заедно со програмата на идната Влада. Извесно е дека во новата Влада нема да бидат вицепремиерот Никола Димитров, министрите за здравство Венко Филипче, за образование Мила Царовска и за одбрана Радмила Шекеринска. За тоа кој би можел да биде министер за одбрана, Шекеринска не открива многу, вели тоа ќе биде одлука на мандатарот.

„Ова е задача на мандатарот. Јас ги пренесов моите размислувања дека се работи навистина за чувствителен сектор, сектор во кој што не важат само домашните правила на одговорност, туку важат и НАТО правилата на одговорност и каде што, верувајте,  секој ден ја покажувате сликата, дали сте држава на која што може да се верува, дали сте држава која стои до кажаното, дали сте партнер и сојузник чиј што збор вреди. Мислам дека тука нема дилеми и на мандатарот му е јасно дека ќе биде потребен таков кандидат, таков министер“, посочи Радмила Шекеринска.

Покрај оние што заминуваат дел и ќе ротираат, па така министерот за правда Бојан Маричиќ најверојатно ќе седне во вицепремиерската фотелја за евроинтеграции. Поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов се најавува за министер за транспорт и врски, Неофицијално, партиски извори од Бихаќка брифираат дека и новата потпретседателка на партијата, пратеничката Бисера Костадинова Стојчевска е новата министерка за култура, а со ресорот земјоделие ќе раководи досегашниот заменик Трајан Димковски. Иако за директорката на УЈП Сања Лукаревска имаше информации дека ќе биде вицепремиер за борба против корупцијата, таа тврди дека останува прв човек на УЈП.

„Се она што во наредниот период ќе значи доекипирање на владиниот кабинет секако дека ќе биде информирана јавноста и тоа ќе се носи како одлука на ниво на раководство на партијата“, вели Сања Лукаревска.

Н: Вие каде ќе бидете?

„Сега каде што сум“, одговори Лукаревска.

Според претходно утврдениот коалициски договор Алтернатива добива три министерски места и тоа за здравство каде треба да седне Беким Сали, потоа во Министерството за информатичко општество и администрација Адмирим Алити како и министерство без ресор одговорно за дијаспора со кој ќе раководи Џемаил Чупи.  Места добиваат и помалите коалициски партнери на СДСМ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не очекуваат ништо ново од новата Влада.

„Она што може да се чуе во јавноста како имиња, тоа е дека списокот кој што гравитира во јавноста очигледно дека го составувал Зоран Заев а пионот Ковачевски е тука само за да го спроведе тоа што Зоран Заев си го замислил и ветил на некои луѓе за да си ги исполни единствено своите лични цели. Тоа е состав кој што треба да го брани заевизмот“, посочи Димче Арсовски.

Нова Влада се очекува да биде изгласана на 16 јануари, а како предизвици пред неа стојат економската и енергетската криза, потоа справувањето со пандемијата на вирусот Ковид 19,а како прва задача ќе биде средба со исто така новата влада на Бугарија за решавање на отворените прашања.