Во Охрид денеска беше отворен вториот бугарски културен центар кој ќе го носи името на „Цар Борис III“.
Токму името беше причина на улица да ги извади дел од граѓаните, велејќи дека тој бил соработник на Хитлер и дека со културниот центар, наместо култура ќе шири пропаганда низ Охрид.
„Ние сме членка на НАТО. Бугарија и Македонија, а две членки која војуваат НАТО нема ги мири. Истото се случи со Грција и Турција. Еве јас учев во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола. И сега ова здружение се вика Цар Борис III, дали има логика јас да учам во „Јосип Броз Тито“ кој се бореше против фашизмот, а овде здружение фашистичко што ја окупираше Македонија и што се правеа големи злодела. Дедо ми беше мачен од фашистите. Тој се ми кажуваше, го тепаа по нозете“
„И ние уште ако дозволиме да се менува Уставот, ние ќе бидеме како Украина. Значи јас не сакам да влезам како фашист во ЕУ, бидејќи фашизмот на никој не донесе благосостојба“
„Ние немаме ништо против нивната определба. Нека си се декларираат како што сакаат луѓето, но имињата се провокативни“
Протестите беа организирани од политичката партија Левица, а се приклучија и од огранокот на ВМРО-ДПМНЕ. На тоа вчера повика лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе закон за измена и надополна на Законот за здруженија и фондации со што ќе се спречи идно формирање и може да се реагира на веќе постоечките регистрирани здруженија. Со реакција се јавија и од партијата на власт СДСМ.
„Ова што се случува е силување на македонскиот народ, неговото антифашистичко минато преку наметнување на вредности затскриенимпреку злоупотребата на европската ѕвезда. Ова не се европски вредности затоа уште денеска, на овие протести мора да се стави крај. По Ванчо Михајлов и Цар Борис трети неспорно е дека ќе продолжат обидите за ревидирање на историјата на Македонија и претставување како ослободители. На крајот на денот не се само Евреите. Македонскиот народ памети, колку жртви дал за ослободување од војските испратени од оној на кој денес во Охрид му се отвора културен центар“, вели Рашела Мизрахи.
„СДСМ осудува провокации од било каков вид. Оваа земја почива на херојството на нашите претци и делата на македонската антифашистичка борба. За нас значењето на антифашистичката борба е исклучителна, државничка и безвременска. Затоа наша обврска е институционално да најдеме решение да ги затвориме овие прашања, кои свесни сме дека иритираат, но уверени сме дека се спорадични и предизвикани од нечиј трет интерес“, порача Ненад Коциќ.
Претседателот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ смета дека нема ништо спорно во името. Тој додава дека во клубот ќе се промовира културата на бугарскиот народ и Бугарите во Македонија.
„Нашето здружение го носи името на нашиот цар, цар Борис III. Со него сакавме и сакаме да направиме да има едни подобри времиња за народот, мостови со кои ќе го приближуваме народот, да се поблиски да нема провокации, но по една година од отворањето на нашето здружение, се се направи наопаку дојде. Нас не злоупотребија некои страни фактори. Ако сме криви пред законите, нас не требаше да не регистрираат прво како здружение, а втората работа, ако ние правиме некое движење нацистичко или не знам какво фашистичко, нас нека не судат. Засега такво нешто нема па ги молиме луѓето да размислуваат подобро“, додаде Томе Блажески.
Претходно во Битола беше отворен бугарски културен центар кој го носи името на „Ванчо Михајлов“, а по неколку месеци од отварањето беше потпален од пејачот Ламбе Алабаковски кој сега е условно осуден на шест месеци казна затвор. Јовица Пауноски, ТВ21, Охрид.
